Трагедијата која го погоди Јужен Судан, во кој повеќе од пет години трае крвавиот конфликт, посебно ги погодува децата кои се жртви на неисхранетост, болести, присилно регрутирање, насилство и неможност за образование.
Предупредувањето содржано во извештајот на УНИЦЕФ
УНИЦЕФ упати силен повик за соочување со таа хуманитарна криза, и во новиот извештај насловен „Децата под напад“, пренесува драматични податоци: повеќе од 2.300 деца се убиени или ранети; повеќе од 19.000 малолетници се војници и примени во вооружени групи; околу 3 милиони деца живеат во многу тешки услови на небезбедна прехрана, а повеќе од еден милион страда заради акутна неисхранетост.
Ситуацијата би може и уште да се влоши – рече Андреа Јакомини, гласноговорник на УНИЦЕФ Италија, истакнувајќи дека во Јужен Судан речиси два и пол милиони малолетници се приморани да го напуштат сопствениот дом; 2 милиони деца не посетуваат училиште, а околу 900.000 деца страдаат заради психолошки стрес. За жал, тоа не е сè; се зборува и за повеќе стотина случаи на силување и сексуално насилство над малолетници. Како што е истакнато во извештајот, годините на небезбедност и насилство оставиле страшни последици на децата, ставајќи во опасност цели генерации.
Ангажирањето на УНИЦЕФ: Здравствена помош, вакцинација, вода
Ниту едно дете не смее да доживее такви стравови и лишувања – истакна Леила Пакала, регионална директорка на УНИЦЕФ за источна и јужна Африка, и додаде: Децата во Јужен Судан секојдневно се соочуваат со тоа и итно им е потребен мир и безбедна и заштитена средина. Пружењето помош на сите на кои им е потребна и понатаму е предизвик кој УНИЦЕФ го прифати, заедно со другите невладини организации и тоа среде бројните тешкотии заради кои таа земја за хуманитарните работници е најопасна во светот. За да го продолжи своето ангажирање во 2018 година, УНИЦЕФ упати апел за 183 милиони долари. Во моментот се обезбедени 77% од бараниот износ.
РВ/к.мк