Кардиналот Турксон, канцелар на Папската академија на науките и Папската академија на општествените науки, ја доби наградата од Фондацијата „Дете“ и „Син телефон“ за неговата посветеност и придонесот на Светиот Престол во заштитата на човековите права и борбата против трговијата со луѓе. За да се залечат раните од злоупотребата, неопходно е и духовно оздравување, кое Црквата секогаш е подготвена да го понуди, посочи тој.
Канцеларот на Папската академија на науките и Папската академија за општествени науки, кардиналот Питер Турксон, во среда на 25 јули 2024 година, ја прими меѓународната награда што ја доделува Фондацијата за проучување и истражување на детството и адолесценцијата „Дете“ и советодавната линија за деца и млади „Син телефон“ (Telefono Azzurro), за неговото застапување и придонесот на Светиот Престол во заштитата на човековите права и борбата против трговијата со луѓе.
„Злоупотребата е искуство на беспомошност што ја обележува личноста за цел живот. Против него треба да се бориме со сета сила“. Канцеларот на Папската академија на науките и на Папската академија за општествени науки, кардиналот Турксон, долго време се залага за заштита на правата на децата и адолесцентите ширум светот. Делува првенствено во областите на пошироката афирмација на човековите права и борбата против трговијата со луѓе, а сето тоа откако е на чело на Дикастеријата за промовирање на интегралниот човеков развој, чиј сега е почесен префект.
Целосно внимание
„Децата и малолетниците се во ранлива фаза од животот и нивното образование во овој деликатен период е важно“, изјави кардиналот Турксон за ватиканските медиуми, посочувајќи дека способноста на децата да учат е толку силна што ако некој направи грешка учејќи ги негативно, постои опасност да се изгубат засекогаш. Затоа, додаде тој, потребно е максимално внимание не само од семејството, туку и од целото општество.
Искуството на злоупотреба, продолжи кардиналот Турксон, е страшно и трајно го пустоши срцето на жртвите. „Решението не е толку во паричниот надоместок, бидејќи парите не ги лекуваат таквите рани. Ова го кажав пред некое време во Ирска: потребно е духовно исцелување и Црквата може да го понуди. Силата на Светиот Дух е вистинска реалност, таа делува и може да ја промени реалноста“, нагласи кардиналот.
Црквата, додаде тој, сега се залага и за одбрана на малолетните и ранливите лица во областа на вештачката интелигенција. Таму, додаде, постои опасност да се заборават правата на најслабите. „Вештачката интелигенција отежнува, но и помага. Тоа е важна алатка која мора да научиме да ја користиме. Тоа е технологија во која треба да почнеме да воведуваме повеќе етика, а тоа може да стане тежок процес ако мислиме само на профит, на пари“.
Кафо: „Нови правила и нови модели“
Заедно со кардиналот Турксон, на наградата присуствуваа и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, претседателот на италијанското друштво за меѓународна организација, амбасадорот Рикардо Сеса, претседателот на Универзитетот Џон Кабот во Рим, Франко Павончело и европската парламентарка Силвија Коста.
„Светот треба да постави нови правила и нови модели на поддршка“, потенцираше претседателот на одборот на директори на фондацијата „Дете“ и основач на „Син телефон“, Ернесто Кафо. „Исто така, потребна е квалитетна и сеопфатна обука за семејствата, возрасните и самите деца, бидејќи тие мора да бидат протагонисти на иднината“, додаде тој.
Кафо, кој е и член на Папската комисија за заштита на децата, смета дека „мора да се создаде вистинска глобална политика, како што побара папата Фрањо“. Денеска, додаде, не може секторски да се решаваат проблемите, посочувајќи дека е неопходно да се делува во Африка и јужноамериканските земји каде што Црквата е многу присутна и активно работи.
Ватикан њуз/к.мк