Дијалогот меѓу религиите е противотров за екстремизмот

Дијалогот меѓу религиите е противотров за екстремизмот

Говорот на Папата наменет за делегацијата на Меѓународниот еврејски комитет за меѓурелигиско советување го прочита кардиналот Курт Кох, претседател на Дикастеријата за промовирање на единството меѓу христијаните. Имено, како што информира прес-службата на Светиот Престол, Светиот Отец не можел да присуствува поради влошување на болките во коленото.

Подготвениот текст му беше даден на кардиналот Курт Кох, а во сржта на пораката е повикот за решавање на раздорот, разидувањата и судирите – не на агресивен начин, туку без предрасуди и со мирољубиви намери, барајќи допирни точки прифатливи за сите, затоа што според Папата, омразата и насилството не се во согласност со нашата вера.

„Евреи и христијани, повикани сме да се однесуваме така што сѐ повеќе ќе наликуваме на својот Создател и Отец. Знаеме тоа станува многу тешко кога сме изложени на злоупотреба и прогони, како што често се случувало во историјата, а за жал и денес“.

Папата во својот говор ја гарантира посветеноста на Католичката црква во борбата против сите форми на антисемитизам, особено преку превентивно делување, односно на образовно ниво, како во семејствата, во парохиските заедници и училишта, така и во лаичките групи.

Да се сведочи Богот на милосрдието и правдата

Светиот Отец ја повторува потребата од дијалог меѓу Евреите и христијаните во нашите „турбулентни времиња“ и ја нагласува важноста да се работи заедно за да се спротивставиме на одредени негативни трендови во западните општества, како што се идолопоклонството кон себе и парите, огорчениот индивидуализам и културата на рамнодушност и отфрлање.

„Повикани сме заедно да сведочиме за Богот на милосрдието и правдата, Кој ги сака луѓето и се грижи за нив; а тоа можеме да го направиме потпирајќи се на духовното наследство што делумно го споделуваме и за што имаме одговорност да го зачуваме и продлабочиме“.

Знак на нашето време

Папата потоа нагласува дека меѓурелигискиот дијалог е „знак на нашето време“, промисла затоа што Бог е тој што ја поттикнува желбата за средба и запознавање, притоа почитувајќи ги верските разлики. Тоа е главниот начин за раст на братството и мирот во светот, посочува тој.

„Со зајакнување на дијалогот можеме да се спротивставиме на екстремизмот, кој за жал е патологија која може да се манифестира и во религиите.

Меѓународниот еврејски комитет за меѓурелигиско советување е формиран, нагласува Папата, во 1970 година со цел да се промовира и следи меѓурелигискиот дијалог низ целиот свет. Таа обединува многу големи еврејски организации, со седиште во Соединетите Американски Држави, а од самиот почеток е во контакт со Комисијата на Светиот Престол за религиозни односи со јудазимот и редовно со неа организира заеднички конференции на актуелни теми.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот