Тужат Католички дом за нега затоа што одбил евтаназија
Семејството на една стара жена која боледувала од рак и сакала да биде евтанизирана, го тужи белгискиот католички дом за нега „ Свети Августин“ во Диест кој одбил да дозволи докторот да даде смртоносна инекција на старицата во просториите на таа установа која е во надлежност на Црквата. Поради тоа Мариете Бунтјенс била преместена од центарот Свети Августин во Диест за да ја усмртат во „мирно опкружување“ во приватен стан.
Како што пренесува Catholic Herald, ќерката на евтанизираната пациентка, Надин Енгелен, тврди дека споменатиот католички дом ѝ предизвикувал на нејзината мајка непотребно „физичко и ментално страдање“, бидејќи одбил да ја усмртат. Одлучила да го тужи центарот Свети Августин, што ќе биде случај во кој ќе се утврди дали црковните установи имаат право да одбијат вмешаност во извршување на евтаназија. Сегашниот белгиски закон им дозволува на лекарите ако не сакаат да не извршуваат евтаназија, но не говори дали тоа право го уживаат и установите.
Иако пациентката била усмртена во 2011, во својата 74 година, случајот дури оваа седмица излезе во јавноста, откако надбискупот на Брисел, монс. Жозеф Де Кесел, изјави дека ниту една болница или дом за нега кои ги води Црквата нема да дозволат евтаназија во ниту една околност. Како одговор, докторите кои извршуваа евтаназија и либералните политичари побараа да се укине државното финансирање на Црквата, доколку не дозволи луѓето да се усмртуваат внатре во нејзините установи.
Доктор Вим Дистелманс, во Белгија наречен „Доктор Смрт“, се пожали на фламанските медиуми дека поголем број на болници и домови за нега во Фландрија сé уште се под водство на Католичката Црква. „Ако таму се одбива правото на евтаназија, тоа ќе биде проблем“ – изјави Дистелманс. Технички, евтаназијата во Белгија е криминално дело, но законот ги штити докторите од правни последици доколку се држат точно до одредените критериуми. Помогнато самоубиство е ограничено на возрасни и „еманцепирани деца“ ако трпат неподносливо страдање и даваат своја согласност.
Меѓутоа, критичарите на законот истакнуваат како законот широко толкува дека евтаназијата е практично достапна при барање, а докторите даваат смртоносна инекција на лица со инвалидитет, ментално заболени, како и на пациентите кои се смртоносно болни. Минатата година една статија во престижното списание за медицинска етика извести дека поголемиот број на случаи на евтаназија во Белгија вклучува пациенти кои илегеално се усмртени од страна на докторите, т.е. без нивна согласност. Бројот на случаи на евтаназија во таа земја драматично е пораснат во текот на минатата декада – од 235 случаи во 2003 година до 1807 усмртени пациенти во 2013 година.
РВ/Б.Р.