Три милиони деца годишно умираат од глад

Три милиони деца годишно умираат од глад

Секоја година од неисхранетост умираат три милиони деца на возраст под 5 години – е предупредување кое, за жал веќе повеќе пати го упати меѓународната организација Save the Children.

Ова повторно се истакна и во последниот извештај насловен „Смртно гладен. Стари и нови предизвици во борбата против неисхранетоста.“ Педесет и две милиони деца помлади од 5 години страдаат заради акутен недостаток на храна и хранливи материи, додека 155 милиони се хронично неисхранети. Спомнатата организација затоа започнува меѓународна кампања под наслов „До последното дете“, бидејќи – како што во разговор за Радио Ватикан објасни Филипо Унгаро, одоговорен за комуникација на спомнатата организација во Италија – сè уште премногу деца во светот умираат заради неисхранетост, која е главната секундарна причина за детската смрт.

Тој проблем уште го зголемуваат факторите како климатските промени, војните, конфликтите и сиромаштвото – вели Унгаро. Светот денес е способен и ги има сите потребни средства за решавање на тој проблем. Но, проблемот е политичката волја; не станува збор за некоја епидемија или болест за која нема лек, туку решението е на дофат на рацете. Навистина треба да се стави крај на таквото негирање на детството – истакна Унгаро.

На новинарско прашање каде таа појава посебно е истакната, Унгаро рече дека е многу раширена во Азија, дури и во земјите со брз економски развој, како што е на пример Индија, во која има многу случаи на детска неисхранетост, и на целото подрачје на субсахарска Африка. Токму во последните месеци во Рогот на Африка и во Кенија, заради природните непогоди, седум милиони деца страдаат за вода и хранливи материи. Освен тоа – додаде – треба секако да се спомнат и земјите во кои сè уште се водат војни и конфликти, како што е Сирија или Јемен. Воените прилики само го зголемуваат тој проблем и ја намалуваат можноста на децата за развој и достоинствено детство.

На крајот Унгаро истакна дека од 1990 година до денес се направени големи чекори напред, и бројот на неисхранети деца од повеќе од 250 милиони падна на околу 150 милиони. Но, фактот дека секоја година три милиони деца умираат заради тој проблем треба да нè поттикне на размислување. Потребно е поголемо заземање на меѓународната заедница – истакна на крајот Филипо Унгаро.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот