Трајче Георгиев се дружеше со децата со посебни потреби од Струмица и Гевгелија

Парохијата „Свети Иван Крстител“ од Струмица во соработка со здружението „Порака“ од Струмица и „Дневен центар“ – Гевгелија на 22 октомври 2015 година организира дружење на децата со посебни потреби со децата и младите од парохијата. На дружењето специјален гост беше младиот струмички талент Трајче Георгиев, кој за децата со посебни потреби испеа неколку песни, се дружеше со нив, а на крајот од средбата ги израдува со подароци, додека за Центарот „Порака“ подари кондиторски производи.

Отец Гоце Костов за средбата изјави: „Црквата е Мајка и преку оваа средба сака да ја искаже својата љубов кон децата“ и заблагодари на Трајче Георгиев, кој со воодушевување ја прифати поканата да биде заедно со децата и да се дружи со нив.

Децата од Струмица беа придружувани од нивните родители и претседателката на „Порака“ Соња Сачевска, додека децата од Гевгелија беа во придружба на о. Димитар Ташев и дефектологот во Дневниот центар во Гевелија Мери Кузманова.

При крајот на средбата о. Димитар Ташев на Трајче Георгиев, о. Гоце Костов, и ЦПЛИП „Порака“, ја подари книгата „Победничка“ напишана од Викторија Пенова, дете со посебни потреби од с. Балинци – Валандово.

к.мк

Фото: о. Димитар Ташев

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот