Струмица: Прославен денот на болните

По повод Светскиот ден на болните, во недела 7 февруари 2016 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица служеше света архиерејска Литургија во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат и Скопската бискупија. На Литургијата присуствуваше и директорката на Општа Болница Струмица д-р Анкица Ангова.

Во својата проповед епископот Стојанов истакна: „Која е смислата на страданието? Зарем не чувствуваме во себе револт и побуна против добриот Бог кој допушта на човечкиот живот толку горки мигови. Неверојатна вистина е дека страданието, всушност е голем дар на Божјата љубов. Тоа многу јасно и со животот и со зборови го сведочеше блажена Мајка Тереза. Од најдлабоката длабочина на срцето се прашуваме: Боже како? Конечниот одговор е во тоа дека љубовта најдобро и најповеќе се докажува преку другиот: колку сме способни да поднесеме за Него. Цената на љубовта не е чувството, туку солзата и болката. Да се присетиме на херојството на мајчинството и татковството. Кој од вас не би дал сѐ од себе да го спаси своето дете. Исусовиот крст и страдание е јасен одговор дека Бог до таа мерка го љубеше човекот и за да го спаси од љубов кон нас го жртвуваше и даруваше својот Син.

Да запаметиме дека во страданието не е најважна болката. Во страданието најважна е љубовта. За кого страдаме, за кого прикажуваме и на кого се прикажува нашето страдание да биде откупено за другите. Така всушност, страдалникот е Божја сила и срце на Црквата која со страданието го врши своето послание на спасението.“

Владиката Стојанов проповедта ја заврши со зборовите на блажена Мајка Тереза: „Пресвета Дева Маријо, Мајко наша, денес ти ја упатувам својата молитва за болните, инвалидите и хендикепираните. Грижи се за нив како што може само мајка да се грижи за своите деца. Дај им деноноќна сила на стрпливост. Те молиме сите ние храбро да прифатиме сето тоа што не ни се допаѓа во нашиот живот. Маријо, Мајко на милосрдието, дај ни радост и мир и направи да бидеме милосрдни едни кон други како што си ти милосрдна кон нас.“

На крајот од Литургијата монс. Стојанов ги повика присутните верници да го пренесат неговиот благослов и поздрав на сите нивни болни и немоќни лица, кои заради својата состојба не беа во можност да присуствуваат на оваа света Литургија. Истовремено епископот Стојанов се заблагодари за грижата, негата и љубовта кон болните лица, посебно на здравствените и социјалните работници, како и оние кои во своите домови имаат болни.

Пред крајот на светата архиерејска Литургија следуваше процесија со статуата на Пресвета Богородица околу Црквата, а заврши со благослов и молитва за болните.

Светата Литургија беше збогатена со пеењето на Катедралниот хор под водство на сестра Тереза Стојкова.

к.мк/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот