Струмица: Анимација за Светскиот мисиски ден

Струмица: Анимација за Светскиот мисиски ден

Во Парохијата Свети Иван Крстител – Струмица во недела 15 октомври 2017 година по завршувањето на светата Литургија во салата „Света Мајка Тереза“ младите од парохијата одржаа анимација за Светскиот мисиски ден, кој Црквата го слави наредната недела.

На анимацијата најпрво беше прикажан краток документарен филм за животот во една од најсиромашните земји во светот – Буркина Фасо, како и ангажирањето на Католичката црква за оние во најголема потреба.

Потоа младите најпрво сами, а потоа ги повикаа и сите заедно да ја измолат молитвата Оче наш на мосиски јазик, кој е во подгрупата на гурски јазици и е еден од 69 јазици кои се зборуваат во оваа сиромашна држава.

За време на анимацијата младите ги послужија присутните со традиционалниот пијалок од Буркина Фасо – бисап, како и пита од просо. На крајот од анимацијата младите на средина од салата поставија една кошница полна со риби од хартија во боите на континентите, а присутните имаа можност со трска да „уловат“ една риба на која е напишана една молитвена мисиска накана.

Исто така младите на работилниците одржани во претходните седмици изработија пригодни кеси за Мисиската недела, како и друг анимациски материјал за следната недела.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот