Страдање на невините
Краков, 25.6.2013 /к.мк/ – Ова е ден на повторно откривање на нашето братство – изјави рабинот Давид Росен, одговорен за односите со Католичката Црква, најавувајќи го симфониско-катехетскиот концерт „Страдање на невините”, дело на Кико Аргуељо, изведено од оркестарот на Неокатакуменскиот пат пред портите на смртта во Аушвиц. Коментирајќи го помирувањето на Јаков и Исав рабинот рече: Ова е ден кога Јаков и Исав искрено се прегрнуваат. Ова е поточно истиот ден кога пред педесет години почина блажен Иван XXIII, кој започна револуција и го подготви патот на блажениот Иван Павле II да може да ја предводи револуцијата на помирување помеѓу Католичката црква и Израел, која се одвива преку заедниците на Неокатакуменскиот пат.
Папата Фрањо сакаше да се придружи на иницијативата со свој поздрав и молитва за „настанот да донесе изобилни плодови во зајакнувањето на почитувањето и пријателството меѓу христијаните и евереите, како и да се обнови одлучноста на меѓународната заедница никојпат повеќе да не се повторат ужасите направени на тоа место”.
Денес сме обединети во сенката на Аушвиц- рече рабинот Јиц Гринберг, најценетиот американски рабин – каде идолопоклонството на човечката моќ, не можеше да биде задржана ниту од љубовта, ниту од праведноста, систематски го малтертираше, мачеше и убиваше еврејскиот народ и другите човечки битија. За жал, поголемиот дел од човештвото рамнодушно го набљудуваше тоа додека бројни човечки битија, создадени како слика и прилика на Бог, беа масакрирани. Неизмерно сме благодарни на Неокатакуменскиот пат, и на неговиот основач, на оваа иницијатива на помирување и љубов – рече рабинот Гринберг, додавајќи дека за нашиот небесен Отец нема поголема радост од помирувањето меѓу христијаните и евреите. На крајот на концертот, кардиналот Станислав Џивиш се заблагодари на сите кои придонесоа за остварување на настанот. Аушвиц е место на музика за страдањето на невините. Ова место повикува, дури и плаче во име на милиони луѓе. Оваа музика најсуштински не издигнува до драмата на страдањето- рече кардиналот Џивиш. (Б.У.)