Срце заљубено во Бог и мислата ја претвора во молитва
По размислувањето како семејството да го живее времето за славење и работа, Папата на Генералната аудиенција на 26 август зборуваше за времето за молитва. На крајот од катехезата, повика за учество на Светскиот ден на молитва за грижа за создаденото, кој ќе се обележи на 1 септември.
„Би требало повеќе да молам… би сакал, но често немам време“ – е најчестата жалба на христијаните, како што рече Папата која постојано ја слушаме. Сигурно е искрена, бидејќи човечкото срце секогаш ја бара молитвата, дури и ако за тоа не е свесно. Ако не пронајде молитва, тогаш нема мир. Но, за да се стекне мир во молитвата, во срцето треба да се негува топла, чувствителна љубов кон Бог – рече Светиот Отец.
Прва и најголема заповед е „љуби го Господ Бог со целото свое срце, со целата своја душа и со целта своја сила.“ Таа формула го користи силниот јазик на љубовта. Овде престојува духот на молитвата – рече Папата и праша: Дали успеваме да мислиме за Бог како за нежна прегратка која нè држи во живот, без која нема ништо? Прегратка од која ништо, дури ниту смртта не може да не раздели? Или за него мислиме само како за голема Борба на семоќниот создател на сè, судија кој ги гледа сите дела. Сето тоа е вистина – рече Светиот Отец – но тие зборови го примаат своето полно значање само кога Бог е наша најголема љубов.
Нели воодушевува тоа што Бог нè прифаќа со татковска љубов? Он можел да се објави само како Врховно битие, да ги даде своите заповеди и да чека резултати. Но, Бог направил бескрајно повеќе од тоа; нè следи на животниот пат, нè штити, нè љуби – рече папата Фрањо.
Срце заљубено во Бог и мислата ја претвора во молитва, исто така и повикот пред иконата или пак бакнежот упатен кон Црквата. Убаво е кога мајката го учи малото дете да испрати бакнеж на Исус или на Богородица. Во тој момент детското срце се претвора во место на молитва. Тоа е дар на Светиот Дух, кој во нашите срца говори – „Ава – Оче“; нè учи да молиме, да се обраќаме на Отецот како Исус, што сами никогаш не можеме да го постигнеме – нагласи Папата и продолжи:
Тој дар на Светиот Дух се наоѓа во семејството, каде што се учи да се бара и цени. Ако тоа се научи со спонтаност, со која се учи да се зборува „тато“ и „мамо“ тогаш засекогаш се памети. Кога тоа ќе се случи целото време на семејниот живот го обзема Божјата љубов, а времето за молитва спонтано започнува да се бара – рече папата Фрањо.
Времето во семејството – како што добро знаеме – е исполнето и зафатено; секогаш е премалку. Кој има семејство брзо научува да ја реши равенката која ниту најголемиот математичар не знае да ја реши – да направи во 24 да има 48 часа. Постојат родители кои за тоа би можеле да освојат Нобелова награда. Не знаеме како успеваат, но го прават тоа. Во семејството има многу работа – се пошегува Папата и додаде: Духот на молитвата, времето го предава на Бог и излегува од опседнатоста на живот во кој секогаш му недостасува времето, пронаоѓа мир за она што е потребно и ја открива радоста заради неочекуваните дарови – објасни Светиот Отец.
За тоа пример се сестрите Марија и Марта. Марија во слушањето на Господ го избрала она навистина потребното, „подобриот дел“. Молитвата извира од слушањето на Исус, од читањето на Евангелието – рече Папата, уште еднаш препорачувајќи секојдневно читање барем на еден евангелски дел. Молитвата извира од познавањето на Божјото Слово. Дали е така во нашите семејства? Размислуваме ли молејќи ја Бројаницата? – праша папата Фрањо, признавајќи дека на срцето му лежат децата кои не знаат ниту да се прекрстат. „Научете го детето да се моли, да се прекрсти. Таа е прекрасна задача за мајките и татковците“ порача Светиот Отец.
На крајот на катехезата и поздравите на различни јазици, Папата повика на прослава на Светскиот ден на молитва за грижа за создаденото, следниот вторник (1 септември). Во молитвено заедништво со нашите православни браќа и со сите луѓе со добра волја, сакаме да придонесеме за надминување на еколошката криза низ која поминува човештвото. Во целиот свет месните Цркви организирале молитвени иницијативи за тој ден да направи силен момент и поттик за доследен стил на живот. Со епископите, свештениците и верниците лаици од Римската Курија, ќе се сретнеме во базиликата Свети Петар во 17 часот, на литургијата на Словото, на која ги повикувам сите Римјани, поклоници и оние кои сакат да дојдат – рече папата Фрањо.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк