Празникот Сретение, кој се празнува на 2 февруари (15 февуари според јулијанскиот календар), четиридесет дена после Божиќ, се поврзува со празникот „Претставување на Младенецот Исус во храмот каде од старецот Симеон бил дефиниран како „Светлина за прослветлување на народите“.
Се паѓа на 2 февруари (15 февруари), точно 40 дена по Божиќ. Тоа е литургиски празник за Претставувањето на Исус во Храмот, раскажан во евангелието според Лука (2, 22-40), народно познат како „Свеќница“ бидејќи на овој ден се благословуваат свеќите, симбол за Христос кој е светлина на светот како што бил наречен Младенецот Исус од старецот Симеон: „Очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.“ Истата фраза, секојдневно се повторува во вечерната молитва на завршетокот од денот.
Празникот за светлината потекнува од Истокот под името „Ipapante“, односно „Сретение“. Во 4 век се проширува и на Западот: од Рим, каде овој празник имал покајанички карактер, до Галија со свечен благослов и процесија со свеќи од каде доаѓа и името на празникот: Свеќница. Овој празник ги затвара Божиќните празници и со пророштвото на Симеон до Пресвета Богородица („А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата“) го отвара патот кон Воскресението Господово.
Очистување на Пресвета Богородица
Еден период овој празник беше посветен на Очистувањето на Пресвета Богородица, во знак на сеќавањето на моментот, раскажано во втората глава од Евангелието на Лука, каде што Марија, во согласност со еврејскиот закон, отишла во Ерусалимскиот храм, четиридесет дена после Рождеството Христово, за да го посвети својот првороден син на Бога и да го исполни обредот на очистување. Литургиската реформа од 1960 година на овој празник му го вратил насловот на празникот како „Претставување на Господ“, како што бил и на почетокот. Според еврејскиот обичај, всушност, една жена се сметала за нечиста во период од 40 дена по нејзиното породување и морала да оди во храмот да се очисти: 2 февруари се паѓа точно 40 дена после 25 декември, денот на Исусовото раѓање.
Фамилиа Кристијана/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк