Проповед на епископот Стојанов на Велики Четврток во Струмица

Проповед на епископот Стојанов на Велики Четврток во Струмица

Во личноста на Христос

Драги браќа во свештенството, драги чесни сестри, драги верници.

На оваа единствена Евхаристија во литургиската година Исус Христос нé собира околу Светата тајна свештенство. Во секој чин од литургијата Исус е со нас, но според неговите зборови и според значењето на денешниот ден повикани сме посебно да ја доживееме тајната на свештенството. Црквата ги собира сите свештеници од соодветната бискупија околу пастирот – бискупот –  заедно во размислување и славење да го обноват својот свештенички идентитет. Затоа во ова размислување ве повикувам сите да застанеме под светлината на Божјиот дух и вистински да го обновиме својот идентитет.

Да не заборавиме дека во Црквата само Исус Христос е еден и единствен голем свештеник. Неговото свештенство е неговото божествено – човечка природа. Со воплотението, страданието, смртта на крстот и воскресението еднаш засекогаш ги исполни сите жртви и стана единствен посредник помеѓу Бог и човекот. Кога велиме според природата тогаш го разбираме тоа посредништво кое се случило со фактот дека Тој во себе ја обедини и помири паднатата човечка природа и своето вечно божество. Во своја личност на вечниот Божји Син според делото со откупителниот чин од Воплотението до Воскресението ја вклучи и природата на Синот човечки. Со тоа стана глава на новото човештво, нов Адам. Сите кои се родени од Адам се земски и сите што одново се родени преку Христос се духовни и се наследници на Синот Божји. Големо е тоа таинство и чудесен Божји зафат во новото создавање на човекот кога без промена на неговата природа, во таа кршлива и смртна природа им внесе на Божјите Синови преображение во вечноста на Божјите Синови. Така Христос како глава на новото човештво е зачетник на редот на спасението. Денес во оваа литургија се сеќаваме токму на тоа кога Исус како Голем свештеник ги зеде при себе сите откупени преку Евхаристиската жртва а своите пријатели, учениците ги направи придружници на неговата свештеничка служба. Вечерва во секоја парохиска заедница ќе се размислува за Евхаристијата во спомен но и како за настан од последната вечера.

Нашето размислување во оваа Евхаристија е фокусирано на светата тајна на свештенството. Да се потсетиме дека сите култури, култови и религии ја познаваат свештеничката служба. Нам особено ни е познат Стариот завет во кој многу убаво ни е опишана и со закон одредена свештеничката служба. Стариот завет во таа тема навлегува многу длабоко, во секој детаљ од начинот на обожување до животот на свештениците. За да се осигура континуитет на свештеничката служба таа била втемелена на едно племе, во племето левит и родените мажи во тоа племе се повикувале во свештеничка служба. Како што вели посланието до Евреите ова свештенство било смртно, несовршено и преодно. Веќе во објавувањето на Мелхиседек, Цар и свештеник на Божјиот град апостолите гледаат предзнак на едно единствено и непреодно свештенство на Божјиот помазаник Христос – Месијата. Сигурно сите сме размислувале за Исусовата педагогија во изборот и селектирањето на неговите ученици за од нив, кои ги имало многу да дојде до дванаесетмина за кои рекол: вие сте мои пријатели. Изборот е сосема личен и покрај сите настојувања нема да откриеме која е таинствената Божја тактика со која тој ги избрал токму тие луѓе што ги познаваме како многу ограничени и не толку способни, повеќето од нив обични рибари без вредности од некоја категорија според која ние правиме избор Исус токму во таа заедница сакал да го изгради тоа што само Бог го може. Од човечка слабост, за да не се фалат со своите достигнувања, со дарот на Светиот Дух, Бог на очигледен начин ги променил и Петар и Иван и Матеј. Петар бил кукавица, Матеј јавен грешник, Јаков бил само рибар, но по изборот и повикот на последната вечера – вие сте мои пријатели, по огнено крштение на Христовата Голгота, ги дочекале Духови кога тој Свет Дух испратен од Отецот ги претворил во херои дури и маченици како сведоци на сето тоа што го слушале од крштението во Јордан сè до Вознесението на небото.

Овој процес можеме да го споредиме со печењето леб. Пченицата се жнее, а потоа се врши и носи во силос. Првото „искушение“ на пченицата е тогаш кога е во мелница на ситнење, мелење и претворање во брашно. Затоа, обликот и самодоволноста на житото, на зрното, мора целосно да исчезнат, а брашното мора да се одвои од триците. Следниот чекор е сеењето на брашното, а потоа вредната рака на домаќинката или пекарот го месат во тесто. Потоа доаѓа најсилното искушение а тоа е кога квасецот го нараснува тестото и се става во фурна да се пече, по што станува вкусен леб за јадење што никогаш не здосадува како секојдневна храна. Да ги погледнеме житните полиња низ нашата Македонија или било која друга земја во која Бог ја посеа пченица на своето Слово, а потоа некои од нас како зрели личности нé повика да станеме брашно. Во мелницата на нашата свештеничка формација требаше да сфатиме дека мора да растеме во скромноста за да се ослободиме од сето она што не е примерно за брашното. Така за време на формацијата како што во мелницата сѐ се разделува брашното од триците и ние се одвојуваме од она што не е примерно за нас. Тоа е време кога светата Мајка Црква нé месеше во тесто како вистинска домаќинка, а примивме и одредена количина квасец кое нé воздигна да бидеме луѓе, но сега веќе длабоко осознаени и како што вели апостолот дека “овој нов квасец” со благодат исполнет и на денот на полагањето на бискупот да се најдеме во фурната на Светиот Дух и така испечени да седнеме на престолот на Божјиот народ како свеж, вкусен и мек леб за живот на светот.

Драги браќа свештеници, оваа слика за печењето во пламенот на Божјиот Дух не ја измислив јас туку во Старата црква на оваа тема така размислувал Кипријан, а оваа многу говори. Доколку сега споредиме по кој пат Исус, Божјиот Син, се објави себе си како Првосвештеник, тогаш гледаме дека и кај Него и кај нас на дело, јасно и на посебен начин делува Светиот Дух. Значи, ние сме како и Христос помазаници со Светиот Дух. За Исус да ја осигура својата свештеничка служба која Тој единствен ја извршува во Црквата, и нас нé вброи во својата служба и нé направи придружници на својата личност. Ние како свештеници сме придружници на Исусовата личност и сé што правиме како свештеници го правиме во името или во личноста Христова, in persona Cristi. Ова е вистина која треба секојдневно, а осoбeно денес на денот на свештенството да нé обземе и да ја доживееме. Вториот Ватикански концил многу јасно нé учи дека Христос во секој свештеник на посебен начин дејствува во светите тајни и во навестувањето на Божјото слово. Оваа вистина е толку потресна што понекогаш од толку возвишената служба што ни е поверена често без наши заслуги човек се замислува и плаши.

Овој ден е ден кога се обновуваме во таа свест и во Духот. Минатата година папата Фрањо ја посети Џенова и како и секогаш се сретна со свештениците и одговараше на нивните прашања. Еден од пасторалните работници го праша светиот Отец Папа: Која е најдобрата метода за пасторал денес? Светиот Отец многу живо одговори, дека нема посебна метода таква или онаква, подобра или полоша, туку постои само една метода, а таа е: вака правеше Исус Христос. Тогаш многу прецизно го спореди ликот на Христос свештеник и пастир со денешните пастири. Во таа паралела јасно се гледа дека свештеникот денес повеќе од било кога е овоплотение на Исус Христос, како во личноста така и во начинот на пасторалот. Папата понатаму го толкува односот кон луѓето, грешниците, сиромашните, болните и секогаш завршуваше со реченицата: така правеше и Христос. А ние? Кога ја гледав таа средба, можам да кажам дека сé уште во уште ми одѕвонува прашањето на светиот Отец: А ние?

Затоа ве повикувам на ова прашање гледајќи го Христос очи во очи денес да дадеме одговор. Сакам да спомнам уште една работа од таа средба, а тоа се меѓучовечките односи кај свештениците. Во врска со оваа тема на светиот Отец му било поставено прашање, а тој дал отприлика ваков одговор: кога некој е болен тогаш е пристојно да го посетиме, бодриме, даруваме, утешиме, бидејќи е болен. Но, кога нашиот брат ќе згреши што секогаш е поопасно отколку кога да е болен, тогаш што правиме, уште повеќе го газиме, не го посетуваме, туку го озборуваме и осудуваме, и уште повеќе го уништуваме. Браќа најголемиот грев за нас свештениците е неслогата. Затоа денес Црквата нé повикува да се обединиме околу својот бискуп и да го обновиме нашето свештеничко братство. Исус нé нарече пријатели, а пријателите меѓу себе не само се почитуваат, туку и се љубат. Денес во литургијата ќе пееме во антифонот: каде има љубов и пријателство, таму е Бог.

Го заклучувам ова размислување со покана да му се отвориме на Божјиот дух што нè направи учесници во свештенството Христово, правејќи нé способни да бидеме сведоци. Со овие мисли, принесете се на своите верници како свеж топол хранлив леб за прослава на Господовата Пасха.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот