Христос Цар на Вселената

Христос Цар на Вселената

„Во оваа време Пилат го повика Исуса и Му рече: »Ти ли си Царот Јудејски?« Исус му одговори: »Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?« (…) »Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое не е овде.« А Пилат Му рече: »Ти, пак Цар ли си?« Исус одговори: »Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; кој е од вистината, го слуша гласот Мој«. (Ив. 18, 33-37)

Литургиската година ни помага да го запознаеме Исуса за да бидеме негови ученици. Целата историја е обележана со настаните на Исуса. Целата литургија се врти околу тајните на овоплотението, страданијата, смртта и воскресението на Исус. И на крај од сето тоа што е објавено, Црквата прогласува дека Исус е Господ и Цар на вселената.

Литургијата нѐ води да разбереме дека Господ, Царот и Месијата не е само една точка во која се спојува целата литургиска година, туку Христос Цар е целта од нашето овоземско поклонение. Всушност, денешната свеченост го претставува крунисувањето на Црковните празници, ориентирајќи се и ставајќи го во центар вниманието на христијаните во Исус, Откупител и Спасител на човекот, кој седи во славата од десната страна на Отецот, Цар на царевите и Господар на господарите.

Евангелието по Иван ни го доближува процесот од римското судење против Исус кој се одржал, веројатно, во палата во која Пилат престојувал во Ерусалим. Евангелието е фокусирано на дијалогот помеѓу претставникот од римското царство и Исус. Тоа почнува со прашањата на Пилат во врска со царувањето на Исус и завршува со објаснувањето од страна на Исус околу начините според кои може да се каже дека Тој е Цар.

Едно априлско утро од триесеттите години се среќаваат еден незаштитен затвореник по име Исус и моќниот претставник од Римската империја. Според евангелистот, злоделото за кое Исус беше обвинет се состоеше во тоа дека Тој е цар. Пилат го прашуваше за да утврди кој вид на царување беше наметнато на еден Евреин за да биде доведен во неговата судница. Испрашувањата на гувернерот Понтиј Пилат се одвиваа во еден чист политички контекст. Тоа што него го интересираше беше да го задржи мирот во овој регион.

Одговорите на Исус отидоа надвор од опсегот на истите прашања особено кога Исус ја даде оваа свечена изјава: »Јас за оваа се родив и за тоа дојдов на светот: за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој«. Оваа изјава ја одразува фундаменталната карактеристика која ја дефинира пророчката траекторија на Месијата: неговата волја да живее во вистината на Бога. Исус не само што ја кажува вистината, туку ја бара вистината и само вистината за еден Бог кој сака еден почовечки свет за сите свои синови и ќерки. Значи, Исус зборува со авторитет, но без лажен авторитаризам. Зборува со искреност, но без догматизам. Не зборува како фанатиците кои сакаат да ја наметнат нивната вистина. Ниту како функционерите кои ја бранат заради должноста, а не веруваат во неа. Исус не се чувствува како заштитник на вистината, туку сведок.

Не треба да заборавиме дека на грчки јазик за зборот сведок се вели „маченик“. Затоа не треба да се чудиме дека во Посланијата на свети Павле се вели дека „Исус Христос… ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат“ (сп. 1 Тимотеј. 6, 13).

И на римскиот гувернер го поттикнува: „Ти ли си Царот Јудејски?“, Исус – сведок на вистината кој е и Самиот Тој вистина (Ив. 14, 6) – му дава до знаење за значењето на неговото царување. Всушност, на Пилат му одговара: »Моето царство не е од овој свет… моето царство не е од овде«. И секогаш осврнувајќи се на римскиот гувернер му признава: »Ти тоа го велиш: јас сум цар«.

Но Исус го освои својот царски престол понижувајќи се до самата смрт, и тоа смрт на крст. Тоа е освојувањето на распетието; тоа е нашето откупување. Едно освојување произлезено само од љубовта, од милосрдието, од потполното опростување. Исус со смртта на крстот ја прослави оваа величенствена моќ на љубовта. Затоа Тој со своето страдање, смрт и воскресение на човекот повторно му ја подари вечната среќа; и оние кои се трудат да го следат веќе овде на земјата ги уживаат ефектите како припадници на оваа царство. Едно царство кое не е основано врз вооружените сили ниту врз економската моќ, ниту пак врз моќта на идеите, туку врз моќта на љубовта и вистината.

Црквата ни ја предлага славата на Синот Божји, Господ Исус, признат и обожаван како владател на целата вселена: „Господ се зацари – пее Псламистот – се облече во велелепие, Господ се запаша со сила; затоа што вселената ја зацврсти и нема да се разниша. Твојот престол е утврден од почетокот на времето; Ти постоиш отсекогаш.“ (Пс. 92).

Но Царството Христово е едно царство на служење и дарување, на принесување; неговото царство не е царство на власт, туку на вистина, а не на лицемерие, на добрина и правда. Царот, Месијата го дава својот живот за своите сѐ до излевањето на целата крв за спасение и откупување за сите луѓе. Неговото потекло е вечно, бидејќи неговото потекло е во самото владеење на Бог, овој Бог кој Христос дојде да го открие: Бог на љубовта, Бог кој спасува. Тоа е оваа вистина која Исус Христос дојде да ја посведочи; вистина која се овоплотува во неговата личност; една вистина која се поистоветува со љубовта, која целосно ќе се открие во крајниот подарок на Самиот Себе врз крстот, за откупување на сите луѓе.

            Исус Христос, Синот Божји е:

  • Цар отсекогаш;
  • Цар на луѓето;
  • Цар на вселената;
  • Слово Божјо, Единороден од Отецот, кој стана човек од љубов;
  • Ветениот Месија и очекуван со генерации.

Христијаните се радуваат што за Цар го имаат Господ и Кнезот на Мирот, Светиот Бог, силен и бесмртен. Благодарение на дарот за верата во Исус Христос, верникот секогаш оди фатен од Него за рака, придружуван од неговото присуство, со срце исполнето со Него, знаејќи дека во секој момент е во исчекување да го сподели Словото и трпезата на Жртвата. Тоа е една незаслужена благодат да се сретне Исус. Тој сака да го сретне секое човечко суштество и има потреба од посредување на верни сведоци , кои ќе го направат видлив во светот.

Исус ќе биде наш цар доколку знаеме да го прифатиме неговиот авторитет, да го слушаме неговото Слово, да ги вршиме неговите заповеди. Верноста на Христос Цар на вселената е да го слушаме неговиот глас, да ги живееме неговите зборови, да го спроведуваме неговиот план на љубовта. Нашата потчинетост е нагласена со радосното привлекување кон Евнагелието, со една безусловна лојалност, со една убедено заедништво со Него. Исто така и ние ќе царуваме со Христос ако сме во состојба да Го асимилираме како оној кој служи, кој помирува и опростува и ако сме во состојба со радост да го прифатиме самиот дар на Царството во служба на браќата. Припаѓањето на Царството Божјо и препознавањето на неговото господство над нас и над Вселената нѐ обврзува да работиме за проширувањето на оваа Царство, за суверенитетот на Бог и Христос за да Тој биде познат и признат како Цар и Господ, а целото човештво да биде коституирано како едно семејство кое како за Отец го има Отецот на Исус Христос, и во едно тело кое како Глава го има Исус Христос нашиот Бог и Господ и Цар на Вселената.

Umanesimo Cristano/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот