Средба на свештениците од Скопска бискупија
На 6 март во зградата на Скопскиот ординаријат е одржана работна средба на презвитерите од Скоспката бискупија, со која претседаваше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов.
Откако канцеларот, о. Марјан Ристов го прочита записникот од минатата средба, бискупот Стојанов на почетокот ги поздрави паросите, истакнувајќи ја радоста што повторно се заедно, како и за можноста повторно заеднички да размислуваат за животот и делувањето на месната Црква. Поради тоа пред присутните ги сподели своите впечатоци од двонеделната пасторална посета на Индија, како и животот на Католичката Црква во таа земја, каде што лично се задржа во Калкута, молејќи на гробот на блажена Мајка Тереза. Тој нагласи дека молеше за Црквата во Македонија, за градот Скопје, каде што е родена блажена Мајка Тереза, а од неа молеше за нејзино застапништво за нови духовни звања и за сиромашните во светот.
Потоа се премина на третата точка од дневниот ред, во која бискупот татковски ги охрабри паросите за конструктивно спроведување на пасторалната година во бискупијата, односно „Година на семејството“, давајќи конкретни предлози за раст во дарот на верата преку катехези во времето на Великиот пост и времето после Воскресението Христово, упатувајќи ги паросите самите да црпат, но и да ги упатуваат верниците на богатството кое го содржи Катехизмот на Католичката Црква. Во следната точка од дневниот ред бискупот ги сослуша паросите за предизвиците со кои се сретнуваат во пасторалот, како и за досегашните случувања во „Година на верата“.
Бискупот Стојанов потсети дека на 15 април се навршуваат девет години од смртта на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, мон. д-р Јоаким Хербут и препорача на тој ден во сите парохии да се служи света Литургија за душата на покојниот бискуп. Исто така ги повика на 16 април, Велика Среда на заедничко Евхаристиско славење со посвета на миро и обнова на свештеничките завети.
Состанокот заврши со молитва, а епископот Стојанов се заблагодари на свештениците за нивното присуство и учество и ги охрабри во нивноото служење на Црквата.
д.Д.Т.