Во сабота, 4 јуни 2022 година, во парохискиот центар во Секирник се одржа средба на деца во организација на Движењето на Фоколарите. Средбата е дел од глобалната иницијатива Global meeting kids која ги вклучува децата на сите пет континенти преку Интернет, насловена: „Да носиме љубов во светот за да завладее мир“.
Водечка нишка на средбата беше т.н. „Коцка на љубов“, која на детски начин ги сумира карактеристиките на љубовта што Исус ја донесе на светот. На нејзините страни пишува: Љуби прв, сакај ги сите, сакај го Исус во ближниот, сакај го својот непријател… Многу деца ширум светот, но не само децата, туку и возрасните, практикуваат да ја фрлат коцката наутро и таа им покажува што треба да живеат во текот на денот. Оваа практика им беше претставена и на децата во Секирник, преку различни игри во кои тие можеа да се обидат да ја применат во пракса Коцката на љубовта.
Кулминација на средбата беше вклучувањето во светската манифестација преку Zoom, каде децата од различни делови на светот ги споделија своите искуства како се обидуваат конкретно да го живеат Евангелието и со песна и танц ги доближија сите до богатствата на своите земји. Со едно искуство и еден танц придонесоа и децата од Македонија.
Денеска сите ние сме сведоци дека мирот е потребен повеќе од било кога. Средбата во Секирник ја зацврсти идејата на децата дека секој чин на вистинска љубов може да биде чекор напред во неговата изградба. Програмата заврши во парохиската црква во Секирник, каде парохот отец Георги Динов ја предводеше заедничка молитва за мир во светот, пред сѐ за мир во Украина.
Ватикан њуз/к.мк