Средба на бискупот Стојанов со с. Јозеф, генерална настојателка на Сестрите Мисионерки на љубовта – Сестрите на св. Мајка Тереза

Средба на бискупот Стојанов со с. Јозеф, генерална настојателка на Сестрите Мисионерки на љубовта – Сестрите на св. Мајка Тереза

На 11 јуни 2022 година во бискупската резиденција на Водно Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, ја прими сестра Јозеф, генерална настојателка на сестрите Мисионерки на љубовта или попознати меѓу народот Сестрите на света Мајка Тереза.

Сестра Јозеф во придружба на своите Сестри од Скопје во раните утрински часови  присуствуваше на света Литургија предводена од Н.В.П. монс. Киро Стојанов во сослужение на о. Марјан Ристов, канцелар. За време на светата Литургија беа изложени и моштите на света Мајка Тереза, а бискупот искажа и пригодна проповед на основа на светото Евангелие, а во духот на света Мајка Тереза.

Средбата продолжи и по светата Литургија во една срдечна атмосфера на која беа разменети мислења за дејноста на Сестрите Мисионерки на љубовта во светот, но исто така, со посебен акцент во Македонија.

Бискупот Стојанов покрај честитките што им ги упати на Сестра Јозеф за нејзиниот избор за генерална настојателка на Сестрите Мисионерки на љубовта, изрази и голема благодарност за дејноста и неизмерната мисија што ја вршат Сестрите во Скопска бискупија и меѓу македонскиот народ, а посебно во родниот град на нејзината основателка света Мајка Тереза, градот Скопје.

Сестра Јозеф, после нејзиниот избор за генерална настојателка се наоѓа на своја прва канонска визитација и прв пат во родното место на света Мајка Тереза.

Посетата заврши со желба за меѓусебна молитва и молитва за духовни звања како и за евентуално отворање нова мисија и во делот на Струмичко-скопската епархија – Успение на Пресвета Богородица.

к.мк

 

Категорија: Uncategorized

За авторот