Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликовите на Мудреците
Мудреците од Исток се упатуваат на пат. При тоа ги напуштаат своите удобни живеалишта и се впуштаат на пат далечен и непознат. Се препуштаат да ги води Словото Божјо, веруваат на старите пророштва. Се впуштат во потрага да го најдат Христос, да се сретнат со него, да му се поклонат и да му принесат дарови.
А јас? Дали сум подготвен денес да ја напуштам својата комотност, удобност, лежерност, своето секојдневие, кое поминува според одредени мали и непишани правили, ритуали и наивики, обврски и да се упатам на далечен и непознат пат, на преобраќање, пат на обнова.
Традицијата и Светото Писмо ни говорат дека мудреците одат заедно, троица, во заедништво и секој од нив го носи својот дар кој е различен од другиот; злато за Царот, темјан за Бог и смирна за Човекот. Најверојатно за да се надополнуваат. Одам ли во заедништво со другите, допринесувам ли за заедништвото на семејството, фирмата во која работам, односите со своите ближни. Дали можеби сум љубоморен што јас не ги носам даровите на другиот… Се надополнувам ли со другите? Одговори си искрено во себе.
Сите сакаме да нѐ опкружуваат познати луѓе и нешта, не сакаме ризици, подобро е да живееме заробени во ѕидините, па макар заробени и од гревот, отколку да бидеме слободни на отворено, надвор каде владее несигурност. Имаме страв од непознато, ново… нова животна ситуација, ново работно место, ново место на живеење,… А мудреците нѐ повикуваат да чекориме со нив, да се упатиме без страв на тој нов и непознат пат и да бидеме потполно сигурни на Божјите ветувања… А на крајот од тој пат преку внатрешно преобраќање да го сретнеме Богомладенецот, да направиме место и да се всели во нас, да заживееме со живот на Божја присутност и да му се поклониме, признавајќи пред Него дека самите сме слаби и немоќни да го носиме товарот на секојдневните искушенија. А како дар да му ги принесеме нашите животи, служењето, напуштајќи го претходниот живот кој е сличен на Иродовиот.
Како и ние, така и мудреците се исправени пред една многу важна одлука. Дали да се вратат по истиот пат и да му кажат на Ирод каде е Христос или да се вратат во својата земја по друг пат. Ако се вратат по истиот пат, Исус ќе биде убиен. На средбата со Него во нивните срца е роден Богомладенецот. Враќањето по истиот пат значи дека Тој ќе биде убиен и во нивните срца. Залудна ќе биде нивната потрага, нивниот далечен и непознат пат, бидејќи пак ќе се вратат на старото, на стариот начин на живот, каде нема нова надеж….
Примајќи вест во сон, наслушнувајќи го Словото Божјо, Мудреците одлучуваат да појдат по нов пат за да го зачуваат родениот Богомладенец во нивните срца.
А каква е нашата одлука? Дали после оваа духовна обнова ќе се вратам пак по стариот пат, ќе се вратам на својот стар живот и ќе дозволиме да биде убиен Исус во нашите животи. Дали и оваа духовна обнова ќе биде само загубено време… Оној кој се противи на преобраќањето, на обновувањето значи дека во себе има желба да го убива Исус.
к.мк/Пишува: о. Гоце Костов
Католици.мк: Божиќна духовна обнова
Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Ликот на Ирод