Со вашите молитви помагајте ги пастирите на Црквата

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во второто читање од ова недела свети Павле вели: „И така, никој нека не се фали со луѓе, бидејќи сѐ е ваше: било Павле или Аполос, или Кифа (Петар), било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше; вие пак, сте Христови, а Христос – Божји.“ (1Кор 3, 21-23). Проблемот пред кој се наоѓа апостолот е поделба во коринтската заедница, каде што се формирале групи кои се нарекувале по различните проповедници, сметајќи ги за свои водачи, говореле: „Јас сум Павлов, А јас сум Аполосов, Јас сум на Кифа…“ (1Кор 1,12). Свети Павле толкува дека тој начин на размислување е погрешен, затоа што заедницата не припаѓа на апостолите, туку тие, апостолите припаѓаат на заедницата; заедницата пак, во целина припаѓа на Христос!

Од таа припадност произлегува дека во христијанските заедници – бискупии, парохии, здрженија, движења – разликите не можат да го оспорат фактот дека сите по крштение имаме еднакво достоинство: сите ние во Исус Христос сме деца Божји. Тоа е нашето достоинство: ние сме во Исус Христос деца Божји. Тие кои ја примиле службата на водење, проповедање, делење на светите Тајни, не смеат да се сметаат за сопственици на посебни овластувања, туку да се стават во служба на заедниците, помагајќи им, радосно да чекорат по патот на светоста.

Црквата денес го доверува сведочењето на тој начин на пасторален живот на новите кардинали, со кои утрово служев Литургија. Да ги поздравиме сите кардинали со еден аплауз… Вчерашниот конзисториум и денешното евхаристиско славење ни пружија драгоцена можност да го искусиме католицитетот, универзалноста на Црквата кои добро ја претставуваат различното потекло на членовите на кардиналскиот колегиум, собрани во телесно заедништво околу Петровиот наследник. Нека Госпосд ни даде милост да работиме за единство на Црквата, да го градиме тоа единство, затоа што единството е поважно од конфликтот.

Нека моментите на Литургија и славење кои имавме можност да ги доживееме последните два дена во сите нас ја зацврстат верата, љубовта кон Христос и кон неговата Црква! Ве повикувам да ги поддржите тие пастири и да им помагате со своите молитви, секогаш ревно да го водат народот кој им е доверен покажувајќи ја на сите Господовата нежност и љубов. Колку само многу има потреба од молитва епископот, Папата, за да му помогне на Божјиот народ да оди напред на својот пат! Велам „помогне“ т.е. да му служи на Божјиот народ, затоа што повикот епископ, повикот кардинал и Папа всушност е ова: да бидеш служител, да служеш во Христовото име. Молете за нас, да бидеме добри служители: добри служители, а не добри господари! Сите заедно: епископи, презвитери, посветени луѓе и верници лаици мораме да пружиме сведоштво на Црква верна на Христос, носени од животната желба да служиме на браќата и подготвени со пророчка храброст да одиме во пресрет на очекувањата и духовните потреби на мажите и жените од нашето време. Нека Богородица нѐ следи и чува на тој пат!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот