Со брифинг за новинарите во авионот папата Фрањо го заврши апостолското патување во Азија

По 14 часа лет, папата Фрањо на 19 јануари се врати од своето седмо апостолско патување надвор од Италија, кое беше во Шри Ланка и Филипините.

Италијанскиот дневен весник „Ла Стампа“ го опишува разговорот на папата Фрањо со 76 новинари во авионот на враќање од Манила во Рим. Светиот Отец со солзи во очите говореше за својот краток престој на Азискиот континент, посебно на Филипините, каде се почувствувал немоќно пред жртвите на тајфунот Јоланда. Папата зборуваше и за корупцијата, раскошот, гладта и за улогата на жената во Црквата и општеството.

Осврнувајќи се на корупцијата, го истакна примерот што го доживеал самиот кога како новоименуван бискуп му предложиле помош за сиромасите и ветиле провизија од 50%. Корупцијата стана светски проблем и многу лесно се вовлекува дури и во црковните институции. Најголеми жртви на корупцијата се сиромасите.

Одговарајќи на прашањето околу контролата на раѓањата, Папата предупреди на опасноста од контрола на раѓањата од страна на светските велесили. Резултат на тоа е сѐ помалата стапка на наталитет. Тоа не значи дека христијаните мораат да раѓаат деца „како на придвижна лента“. Притоа, Папата ја спомна жената која веќе има осум деца со седум царски резови. Предупреди како без отвореност кон животот нема брак како Света Тајна. Уште еднаш повика како треба да се грижиме за сиромасите за кои децата се скапоцено богатство.

Папата Фрањо призна пред новинарите дека многуте филипински гестови го погодиле многу, бидејќи се работи за гестови од срце. Посебно го погодиле татковците кои ги подигале децата за да ги благослови Папата. Папата забележа како таков гест во други средини не може да се доживее често. Изгледаше како да сакаат да кажат ова е моето најскапоцено богатство, мојата иднина поради која вреди да се работи и трпи. Оргинален гест кој произлегува од срцето. Го погодиле и мајките со децата инвалиди. Тие не ги сокриваат. И нив ги донеле да ги благослови Папата и му ги претставувале: Тоа е моето дете, такво е, но е мое. Сите мајки така прават, но на Папата посебен впечаток му оставиле начинот на кој тоа го прават филипинските мајки.

Говорејќи за сиромасите, Папата забележа дека сиромасите се жртви на културата на расфрлање и расипување на храната. Црквата мора да дава сѐ повеќе примери во одбивањето на световноста. Често свештениците, но и лаиците ги соблазнуваат луѓето. Тешко е да се следи Исусовиот пат. Црквата би морала од себе да го „соблече“ раскошот.

Толкувајќи ја „идеолошката колонизација на семејството“ Папата го наведе примерот кога во 1995 година во Аргентина, министерката за образование барала помош за изградба на училиште за сиромасите. Помош ѝ дале но под еден услов: во школските книги за децата да се внесе „гендер“ идеологијата, струја што ја застапуваат неколку лица, кои сакаат промени и кои се залагаат за укинување на традиционалните вредност на општественото уредување, како и за укинување на постоечките општествени институции, посебно класичните институции како што се бракот и семејството. Тоа е пример на идеолошка колонизација. Се влегува меѓу народот или во одредена група без да се има било каква врска со нив, колонизирајќи го со идеи кои имаат намера да го променат менталитетот или уредувањето. Во минатото тоа го правеа и различните диктатури, заврши Папата.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот