Слово на животот, јуни 2022

Слово на животот, јуни 2022

Ти си Господ мој; без Тебе, нема блаженства за мене.“ (Пс 16[15],2).

Словото на животот овој месец е земено од Книгата на Псалмите. Ги содржи најубавите молитви со кои што Бог ги инспирирал цар Давид и други молители за да нè научат како да Му се обраќаме. Сите можеме да се најдеме во Псалмите. Тие ги допираат најинтимните нишки на душата, ги изразуваат најдлабоките и најсилните човечки чувства: од сомнеж до болка, гнев, вознемиреност, очај, надеж, пофалба, благодарност и радост. Токму поради тоа тие можат да бидат изговорени од секој маж и жена од сите времиња, култури и во секое време од животот.

Ти си Господ мој; без Тебе, нема блаженства за мене.“

Псалмот 16 е омилен на многу духовни автори. Света Тереза Авилска коментираше: „Кој Го има Бога ништо не му недостига: Самиот Бог е довелен!“ Теологот на Коптската православна црква, отец Антониос Фикри Рофаил, рекол: „Овој е псалмот на воскресението, затоа Црквата го моли во раноутринските часови (…) бидејќи Христос воскресна во мугрите. Овој псалм ни дава надеж за нашето вечно наследство, поради што некои го нарекуваат златен, што значи дека тоа е златниот збор, скапоцен камен на Светото писмо“.

Ајде да се обидеме да го повторуваме, размислувајќи за секој збор.

Ти си Господ мој; без Тебе, нема блаженства за мене.“

Таа молитва нè обвива. Чувствуваме дека Божјото делотворно присуство, полно со љубов, го опфаќа целото наше битие и целото создание. Чувствуваме дека Тој ги спојува нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина. Во Него ја наоѓаме силата со доверба да се соочиме со страдањата кои што ги среќаваме на нашиот пат и мирно да го подигнеме погледот над сенките на животот, кон надежта.

Како тогаш ќе го живееме Словото на животот овој месец? Еве го искуството на Ц.Д. Пред некое време почнав да се чувствувам лошо. Бев подложена на низа лекарски прегледи кои бараа долго чекање. На крајот, кога дознав дека боледувам од Паркинсонова болест, доживеав голем шок! Имав 58 години, како беше тоа можно? Се прашував: ‘Зошто?’ Јас сум професорка по физичко образование и здравје, физичката активност е дел од мене! Чувствував дека губам нешто многу важно. Но, се сетив на мојот избор уште од младоста: ‚Ти, Исусе Напуштениот, си моето единствено добро!’

Благодарение на лековите, веднаш почнав да се чувствувам многу подобро, но не знам што точно ќе се случи со мене. Решив да го живеам сегашниот момент. Откако ми беше дијагностицирана болеста, спонтано компонирав една песна. Го опеав моето ДА на Бога и душата ми се исполни со мир!“

Реченицата од овој псалм особено одекнала во душата на Кјара Лубик, која напиша: „Овие едноставни зборови ќе ни помогнат да се надеваме во Него, ќе нè извежбат да живееме со Љубов и така, сè повеќе соединети со Бога и полни со Него, ќе ги поставиме темелите на нашето вистинско битие, создадено според неговиот лик“.

Ние сме во месец јуни, обединети за да ја воздигнеме оваа „изјава на љубов“ кон Бога и да зрачиме со мир и спокојство околу нас.

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот