Слово на животот, октомври 2014
„Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.(Иван 6,35)
Во своето евангелие Иван проповеда како Исус го умножи лебот. Во големиот говор одржан во Капернаум, помеѓу останатото вели: Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен и која ќе ви ја даде Синот Човечки“.
Неговите слушатели сметале дека тој се повикува на небесната храна мана, како и на очекувањето на другата мана која ќе дојде од небото во месијанското време. На тоа мноштво народ кое не ги сфаќало неговите зборови, Исус потоа во истиот говор сам се претставува како вистински леб кој се слезе од небото, а кој треба да се прифати со вера.
„Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.(Иван 6,35)
Исус се гледа себе како леб. Тоа е крајната причина за неговиот живот тука на земјата. Да се биде леб за да се биде изеден. Да се биде леб за да ни се посредува сопствениот живот, за да нè преобрази во себе. До тука, со повикување на Стариот Завет, духовното значење на овие зборови е јасно. Но говорот станува таинствен и тежок кога Исус, подоцна, за самиот себе ќе каже Лебот што јас ќе го дадам е тело мое – за животот на светот.“ „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.“
Тоа е навестување на евхаристијата која соблазнува и оддалечува многу ученици. Но тоа е најголемиот дар што Исус сака да му го даде на човештвото неговата присутност во Светата Тајна Евхаристија која ја заштитува и душата и телото, полнотата на радоста по длабокото соединување со Исус.
Ако се храниме со тој леб, секоја друга глад, нема веќе причина да постои. Секоја наша желба за љубов и за вистина ја исполнил оној кој самиот е љубов, сама Вистина.
„Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.(Иван 6,35)
Тој леб со Него нас нè храни веќе овде, а даден ни е за и ние подоцна да можеме да ја задоволиме духовната и материјална глад на човештвото што нè опкружува.
Светот навестувањето на Христа не го прима толку од евхаристијата, колку од животот на христијаните кои се хранат со неа и со зборовите што ги проповеда евангелието со животот и гласот и правејќи го на тој начин Христос присутен помеѓу луѓето.
Благодарение на евхаристијата животот на христијанската заедница станува Исусов живот, па од тука и способноста таа да ја пренесува Божјата љубов и неговиот живот на другите.
„Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.(Иван 6,35)
Со метафората на лебот Исус нас нè учи и на вистински, христијански начин како да се љуби ближниот.
А што значи да се љуби?
Да се љуби значи поистоветување со сите во она што другите го сакаат во најмалите и најбезначајни нешта, како и во оние кои можеби нам ни значат малку, но ги интертесираат другите.
Исус дава посебен пример на таквата љубов станувајќи леб за сите нас. Тој станува леб за да влезе во секого, за да стане едно со сите, за да им служи, за да ги љуби сите.
Затоа, да бидеме и ние едно, сè до степен да се стопиме в уста.
Тоа е љубов – да се биде едно значи другите да почувствуваат дека ги храниме со нашата љубов дека ги тешиме, им олеснуваме, ги разбираме.
Кјара Лубик