Слово на животот, март 2015
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.“ (Мк 8,34)
За време на неговото патување на север во Галилеја, во селото Кесарија Филипова, Исус кај своите ученици се интересирал што зборуваат луѓето за него. Петар во името на сите посведочил дека тој е Христос, Помазаникот исчекуван со векови. За да ги отстрани сомневањата, Исус јасно објаснил како мисли да го оствари своето послание. Ќе го ослободи својот народ, но на неочекуван начин, плаќајќи лично: ќе мора многу да страда, да биде отфрлен, да биде убиен, а по три дена ќе воскресне. Петар не ја прифаќал таквата визија на Месијата. Како и многу други негови современици го замислувал како личност која ќе делува користејќи моќ и сила, кој ќе ги порази Римјаните и израелскиот народ ќе го постави на неговото вистинско место во светот. Тој го прекорува Исус, а овој го опоменува: „Не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко“ (сп.8,31-33).
Исус повторно тргнува на пат, овој пат кон Ерусалим, каде што ќе се исполни неговата судбина, смртта и воскресението. Дали неговите ученици ќе продолжат да го следат, сега кога знаат дека оди во смрт? Условите кои Исус ги бара се јасни и недвојбени. На повиканите и на своите ученици тој ќе им каже:
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.“
Тој, Учителот, ги воодушевил на бреговите од езерата, кога фрлале рибарски мрежи кога биле во царинарницата. Без двоумење ги оставиле корабите, мрежите, царинарницата, татко, куќа, семејство и тргнале со него за да го следат. Го виделе како прави чуда и ги слушале неговите мудри зборови. Сѐ до тој миг го следеле, поттикнати од радост и воодушевување.
Одењето по Исус сепак барало многу повеќе. Тогаш станало јасно дека тоа значи целосно споделување на неговиот живот и судбина: неуспех, непријателство, па дури и смрт, и тоа каква смрт! Најболна, најсрамна, резервирана за убијци и најсурови злосторници. Таквата смрт Светото Писмо ја нарекувало проклетство (5 Мој 21,23). Самиот збор „крст“ предизвикувал страв, бил речиси неизговорлив. Тој збор прв пат се појавил во Евангелието. Којзнае каков впечаток им оставил на оние кои ја слушнале.
Откако јасно го потврдил својот идентитет, Исус можел со исто таква јаснотија да го покаже идентитетот на своите ученици. Ако учителот е оној кој го љуби својот народ до степен да умира за него, земајќи го врз себе крстот, тогаш и ученикот, за да биде тоа, мора да го остави на страна својот начин на размислување за во себе да го сподели патот на Учителот, почнувајќи од крстот:
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“.
Да се биде христијанин значи да се биде друг Христос: да се има исти чувства како и Христос Исус кој „Сам себе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст “ (Фил 2,5.8); да се биде распнат со Христос, за да можеме со Павле да кажеме: „и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал 2,20); да не се сака да се знае ништо друго освен Исус Христос и тоа распнатиот (1 Кор 2,2). Исус продолжува да живее, да умира и да воскреснува во нас. Најголемата желба и амбиција на христијаните која создала големи светци е да се биде како Учителот. Но како да се следи Христос за да станеме такви?
Првиот чекор е да се одречеме од самите себе, да се дистанцираме од своите начини на размислување. Тој чекор Исус го барал од Петар кога го прекорувал зошто размислува по човечки, а не по Божји начин. И ние како Петар, понекогаш сакаме себично или барем по наши мерила да се потврдуваме самите себе. Бараме лесен и моментален успех, ослободен од секоја потешкотија, со завист гледаме на луѓето кои трчаат по кариера, мечтаеме дека ќе имаме сплотено семејство и дека околу себе ќе градиме братско општество и христијанска заедница, а при тоа да не мораме тоа скапо да го платиме.
Да се одречеш од самиот себе значи да влезеш во Божјиот начин на размислување, оној начин што нам во својот начин на делување ни го покажал Исус: со логиката на зрното жито кое мора да умре за да донесе род, со наоѓањето поголема радост во давањето отколку во примањето, со дарување на животот од љубов, со еден збор, со земањето на сопствениот крст врз себе:
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“.
Крстот, оној секојдневниот, како што пишува во Евангелието по Лука (9,23), може да има многу лица: болест, губење на рабно место, неспособност да се управува со семејните или со работните проблеми, чувство на промашеност пред неуспехот во создавањето на автентични односи ,чувство на немоќ пред големите светски судири, огорченост заради честите афери во нашето општество… Не треба да се бара крстот, тој самиот ни доаѓа во пресрет, можеби токму тогаш кога тоа најмалку го очекуваме и на начин на кој тоа никогаш не би можеле да го замислиме.
Исус нѐ повикува да го земеме и да не го носиме резигнирано како нужно зло, да не му допуштиме да падне врз нас и да не здроби, ниту пак да го поднесуваме стоечки и рамнодушно. Тој нѐ повикува да го прифатиме споделувајќи го на тој начин неговиот крст и така и во таа ситуација да станеме ученици, живеејќи во заедништво во болката, зашто тој прв го сподели нашиот крст. Затоа во секоја болка, какво лице и да има таа, можеме да го најдеме Исус кој веќе ја направи своја.
Заради тоа, Иџино Џордани гледа промена на улогата на Симон Киренеец кој го носи Исусовиот крст. Крстот „е помалку тежок, ако Исус станал Симон“ вели тој. И продолжува, уште помалку тежок, ако го носиме заедно: „Ако крст носи едно суштество, тоа на крајот ќе биде скршено; ако заедно го носат повеќемина со Исус меѓу нив, или ако Исус го земе како Симон, тој станува лесен, сладок јарем. Искачувањето заедно на повеќемина поврзани и сложни личности, станува радост и доведува до раст.“[1]
Да се земе крстот за да го носиме со него, знаејќи дека не го носиме сами затоа што тој го носи со нас, тоа е однос, тоа е припадност на Исус, сѐ до целосно заедништво со него, сѐ додека не станеме друг Тој. Така се следи Исус и така станувме вистински ученици. Тогаш крстот и за нас, како и за Христос, навистина ќе стане „сила Божја“(1Кор 1.18) пат на воскресението. Во секоја слабост ќе пронајденме сила, во секоја темнина светлина, во секоја смрт живот, затоа што ќе го пронајдеме Исуса.
Фабио Чијарди