Слово на Животот – „Во Тебе е изворот на животот“ (Псалм 35,10)

Оваа реченица од Светото Писмо ни зборува за нешто од голема животна важност, нешто што би можело да биде средство за помирување и заедништво.  

Таа пред сè ни зборува дека само еден е изворот на животот, а тоа е Бог. Од него, од неговата создателска љубов се создава вселената и од неа Тој прави човеков дом.

Тој ни го дава животот со сите негови дарови. Псалмистот ја познава грубоста и сувотијата на пустината и знае што значи изворот вода, со живот што блика наоколу, затоа и не можел да најде поубава слика од споредбата со реката која се излева од Божјите прегратки, за да го опее сето создадено.

Од срцето се воздига химна на пофалба и благодарност. Тоа е прв чекор што треба да се направи, прва поука која треба да се воочи и во зборовите на Псалмот да се фали Бог и да му се благодари за Неговото дело, за чудата во вселената и за човекот кој живее и кој е Негова слава и единствено суштество кое знае да му каже:

„Во Тебе е изворот на животот“

Но, на Татковската љубов не и било достатно да го изговори Словото со кое сè било создадено. Сакал неговото Слово да го има нашето тело. Бог, единствениот вистински Бог, стана човек во Исус и на земјата го донесе изворот на животот.

Изворот на секое добро, на секое суштество и на секоја среќа дојде да се всели меѓу нас, за да го имаме, така да кажам, сосем при рака. „Јас дојдов за да имаат вечен живот и да имаат во изобилство“, вели Исус. Тој со себе го исполни сето време и сиот простор на нашиот живот. И сака да остане со нас засекогаш, за да можеме да го препознаеме и да го љубиме во сосема различни ликови.

Понекогаш можеме да помислиме: „Колку би било убаво да се живее во Исусовото време!“. Но неговата љубов пронајде начин како Toj да остане не само во малото делче од Палестина, туку на сите точки на Земјата. Тој е присутен во Евхаристијата, онака како што самиот вети. И тука можеме да се напојуваме за да го храниме и обновуваме нашиот живот.

 „Во Тебе е изворот на животот“

Друг извор од кој можеме да црпиме жива вода на Божјата присутност е братот, сестрата. Секој ближен кој поминува покрај нас, особено оној кој има каква и да е потреба, ако го љубиме, не можеме да го сметаме за наш штитеник, туку за наш добротвор, бидејќи ни го дарува Бога. Имено, љубејќи го Исус во ближниот огладнев […], ожеднев […], бев странец […] во затвор бев […], за возврат ја примаме Неговата љубов, Неговиот живот, зошто Тој самиот, присутен во нашите браќа и сестри, е извор на љубовта.

Богатиот извор на водата е и Божјата присутност во нас. Тој секогаш ни зборува. Ние треба да го слушаме неговиот глас, а тоа е гласот на совеста. Што повеќе настојуваме да го љубиме Бога и ближниот, тоа неговиот глас станува посилен и ги надсилува сите други. Но постои еден посебен момент во кој можеме да се користиме со неговата присутност во нас. Тоа е молитвата, кога настојуваме да го продлабочиме директниот однос со Него кој живее во длабочината на нашата душа. Молитвата е како проводник на длабинската вода која никогаш не пресушува, која секогаш ни е на располагање и која може да ни ја изгасне жедта во секој момент. За да го пронајдеме изворот  доволно е за миг да ги затвориме капаците на душата и да се прибереме, па макар и да бидеме во најсушната пустина. Сè додека не постигнеме заедништво со Него во кого чувствуваме дека веќе не сме сами, туку сме двојка: Тој во мене и јас во Него. Па сепак – по неговиот дар – едно како водата и изворот, како цветот и неговото семе.[…] Псалмот нѐ потсетува дека само Бог е извор на животот, а затоа и извор на потполно заедништво, мир и радост. Што повеќе пиеме од тој извор, што повеќе живееме од живата вода која е неговото Слово, тоа повеќе ќе се приближиме едни кон други и ќе живееме како браќа и сестри. Тогаш ќе се оствари онаа светлина која човештвото ја очекува, како што вели псалмот: „во Твојата светлина ќе гледаме светлина.“

 Кјара Лубик

За авторот