Слово на животот: Бог е богат со милост
„Но Бог кој е богат со милост, поради големата негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христа“ (Ефес 2, 4-5)
Кога Господ Бог на гората Синај му се објави на Мојсеј, самиот себе се објави со зборовите: „Јахве! Јахве! Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! (2 Мој 34, 6). За објаснување на карактерот на милосрдната љубов во еврејската Библија се користи зборот (raḥămîm)со кој се именува мајчината утроба, местото од каде што доаѓа животот. Објавувајќи се како милостив, Бог покажува грижа за секое свое создание налик на мајчинската грижа за детето: таа го сака, покрај него е, го заштитува и се грижи за него. Во Библијата се користи и друг назив (ḥesed) за изразување на останатите видови на милосрдна љубов: верноста, добродушноста, добрината, солидарноста.
Во своето „Велича“ и Марија пее за милостивоста на Силниот која се пренесува од колено на колено (сп. Лк 1, 50). Исус, самиот Tој, зборувал за Божјата љубов, објавувајќи го како Отец кој е со нас и кој внимателно ја следи секоја наша потреба. Подготвен е да прости и да ни дарува сѐ што ни е потребно „зашто тој со своето сонце ги грее и лошите и добрите и им праќа дожд и на праведните и на неправедните“ (Мт 5,45).
Неговата љубов е навистина богата и голема како што е наведено во Посланието до Ефесјаните, од каде што е земено и Словото за живот:
„Но Бог кој е богат со милост, поради големата негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христа“ (Ефес 2, 4-5)
Ова тврдење на Павле е налик на радосен повик што произлегува од размислувањето над Божјата промисла за нас кои бевме мртви и нѐ оживеа, подарувајќи ни нов живот. Реченицата зпочнува со сврзникот „но“ што упатува на спротивност со претходните забелешки на Павле за трагичнота состојба на човештвото притиснато од злосторства и гревови, заробено со себични и зли желби и под влијание на силите на злото, во отворената побуна против Бога. Во таква ситуација тоа би го заслужило изливот на неговата лутина (сп. Ефес 2,1-3). Бог напротив, на зачудениот Павле, наместо да го казнува одново му дава живот и не допушта да го води лутината, туку милоста и љубовта.
Исус веќе дал да се насети таквото Божјо дејствување кога ја раскажал параболата за таткото и двајцата синови, татко кој со раширени раце го прифаќа помладиот, заради гревот на изгубен син. Истото го порачува и во параболата за добриот пастир кој ја бара изгубената овца и ја става на рамена носејќи ја дома, или пак за добриот Самаријанин кој му ги преврза раните на човекот кој наишол на разбојници (сп. Лк 15, 11-32; 10, 30-37).
Бог милостивиот Отец, се крие во тие параболи. Тој не само што ни простува, туку ни го дарува и животот на својот син Исус, ни ја дарува полнотата на Божествениот живот.
Оттаму и химната на благодарност:
„Но Бог кој е богат со милост, поради големата негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христа“ (Ефес 2, 4-5)
Ова Слово за животот би морало во нас да ја разбуди истата радост и благодарност како кај Павле и како во првата христијанска заедница. Бог кон секој од нас е „богат со милост“ и полн „со голема љубов“, подготвен да ни простува и да ни ја враќа довербата. Нема состојба на грев, болка и осаменост во кои Тој не е присутен и не е покрај нас, за да нѐ придружува и да нѐ следи на нашиот пат. Тој ни дава сигурност, можност да воскреснеме и сила секогаш одново да започнуваме.
Во својот прв Ангел Господов на 17 март 2013 год. папата Фрањо зборуваше за Божјата милост, тема која му стана вообичаена. Тогаш рече: „Божјото лице е лице на милосрден и секогаш стрплив татко […] кој нѐ разбира, кој чека и не се уморува простувајќи ни.“ Тој прв кус поздрав го заврши со зборовите: „Тој е грижлив татко кој секогаш простува, кој има милосрдно срце за сите. И ние да научиме да бидеме милосрдни со сите.“
Овие последни зборови ни посочуваат како ние конкретно да го живееме Словото за живот. Ако Бог кон нас е богат со милост и голем во љубовта и ние сме повикани да бидеме милосрдни едни кон други. Ако Тој ги љуби оние кои се зли, своите непријатели, и ние мораме да научиме да ги љубиме „несимпатичните“ па дури и непријателите. Зарем Исус не ни беше рекол: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! (Мт 5,7). Не бараше ли од нас :„Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец “(Лк 6,36).
И Павле ги повикувал своите заедници, одбрани и љубени од Бога, да се облечат во „милосрдност, добрина, смиреност, кроткост и долготрпеливост“ (Кол 3,12).
Ако поверувавме во Божјата љубов и ние можеме да љубиме со онаа љубов која им се доближува на луѓето во болка и потреба, со љубовта која сѐ оправдува, која штити и знае да се грижи за другиот. Живеејќи така, ќе бидеме сведоци на Божјата љубов. На сите кои ги сретнуваме ќе им помогнеме да откријат како и кон нив Бог е богат со милосрдност и голема љубов.
Фабио Чијарди
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк