Слово на животот, април 2021 година

Слово на животот, април 2021 година

„Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците.“ (Иван 10, 11)

Сликите од библиската култура, обележани со бавниот тек на времето на номадскиот и пастирскиот живот, изгледаат далечни во однос на нашите дневни потреби за ефикасност и конкурентност. Сепак, понекогаш и ние имаме потреба да здивнеме, ни треба место каде што би се одмориле, да се сретнеме со некого кој би нѐ прифатил такви какви што сме.

Исус се претставува себеси, како оној кој е повеќе од кој било друг кој сака да нè прифати, да ни понуди окрепнување и згора на тоа да му даде живот на секого од нас.

Во долгиот дел од Евангелието според Иван, од кое е земено ова Слово на животот, Исус нè уверува, дека Тој е Божјата присутност во историјата на секоја личност, како што му е ветено на Израилот преку пророците[1].

Исус е пастир, водич кој ги познава и сака Своите овци, односно Неговиот уморен и понекогаш изгубен народ. Тој не е странец кој ги занемарува потребите на стадото, ниту крадец кој доаѓа да украде или разбојник кој убива и расипува, ниту платеник што дејствува само од интерес.

„Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците.“

Стадото што Исус го смета за Негово, секако се Неговите ученици, сите оние кои веќе го добиле дарот на крштението, но не само тие. Тој го познава секое човечко суштество, го вика по име и нежно се грижи за секого од нив.

Исус е вистински пастир, кој не нѐ води само кон живот, не нѐ бара само тогаш кога ќе се изгубиме[2], Тој веќе го даде Својот живот за да ја исполни волјата на Отецот. А волјата на Отецот е полнотата на личното заедништво со Него и повторното остваруравање на братството меѓу нас, смртно рането од гревот.

Секој од нас може да се стреми да го препознае Божјиот глас; да го слушне Неговото Слово упатено токму нему и да го следи со доверба. Пред сè, можеме да бидеме сигурни дека сме сакани, разбрани и безусловно ни простил оној што ни гарантира:

„Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците.“

Кога ќе ја доживееме барем малку таа тивка, но силна присутност во нашиот живот, во срцето се раѓа желба да ја споделиме, да ја развиеме нашата способност да се грижиме и да прифаќаме други. Следејќи го примерот на Исуса, можеме да се стремиме подобро да ги запознаеме членовите на семејството, колегите на работното место или соседите и да не дозволиме да бидеме рамнодушни кон потребите на луѓето околу нас.

Можеме да развиеме љубовна имагинација, вклучувајќи други и дозволувајќи да и самите бидеме вклучени. Со нашите мали дела можеме да придонесеме за градење на братски и отворени заедници; способни трпеливо и храбро да го пратат одот на многумина.

Медитирајќи ја оваа реченица од Евангелието, Кјара Лубиќ напиша: „Исус отворено ќе рече за Себе: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.“(Иван 15, 13). Тој Своето себепредавање го живее до крај. Неговата љубов е жртвена љубов, односно љубов украсена со вистинска подготвеност да го покаже, да го дарува сопствениот живот. […] Бог, исто така, бара од нас […] дела направени со љубов и што поседуваат (барем со намера и одлука) мерка од Неговата љубов. […] Само таква љубов е христијанска: не било каква љубов, не површна љубов, туку љубов толку голема што го става животот на коцка. (…) Правејќи го тоа, животот на нас христијаните ќе доживее квалитативен скок, голем квалитативен скок. И тогаш ќе видиме дека околу Исус, привлечени од Неговиот глас, се собираат мажи и жени од секој агол на земјата.“ [3]

Летиција Магри

 

[1] Спореди Jeзекиел 34,24-31;

[2] Спореди. Лк 15,3-7; Мт 18, 12-14;

[3]  C. Lubich, Riječ za život, travanj 1997.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот