Слово за живот- јуни 2017

Слово за живот- јуни 2017

„Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам“ (Иван 20,21)

По Исусовата смрт на крстот неговите ученици престрашени и збунети се затвориле дома. Го следеле на патиштата низ Палестина, додека на сите им навестувал дека Бог е Отецот и дека нежно го љуби секој човек!

Исус е пратен од Отецот не само со животот да ја посведочи таа голема новост туку и на човештвото да му отвори пат за средба со Бога. Бог е Тројство, заедница на љубов во самиот себе па сака во прегратка да ги прими и своите созданија.

За време на Исусовото послание многумина ги виделе, слушнале и доживеале добрината и резултатите од неговите постапки како и зборовите на прифаќање, простување и надеж. А потоа следела осудата и распнувањето.

Токму во тој контекст, Ивановото евангелие ни кажува како Исус третиот ден воскреснал, им се покажал на своите ученици и ги пратил да го продолжат неговото послание:

„Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам“

Со тоа како да им кажал: „Се сеќавате ли како со вас го делев својот живот? Како ја заситив вашата глад и вашата жед за праведност и за мир? Како оздравував срца и тела на многумина потиснати и отфрлени од општеството? Како го бранев достоинството на сиромашните, вдовиците, странците? Сега вие продолжете: навестувајте им го на сите евангелието кое го примивте, навестувајте дека Бог сака сите да му дојдат во пресрет и дека сите сте вие браќа и сестри.“

Секоја личност, создадена на слика на Бога кој е љубов, во срцето веќе ја има желбата за средба; сите култури и сите општества тежнеат за градење на односи и соживот. Но со колку напор, со колку противречности и тешкотии се достигнува таа цел! Тој длабок стремеж на секој од нас се судира со нашата кревкост, со нашата затвореност и со нашите стравови, недоверба и взаемни осуди. Па сепак Господ со доверба и денес ни го упатува истиот повик:

„Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам“

Како овој месец да се живее така смел повик? Посланието да создаваме братство во често расцепканото човештво, не е ли тоа изгубена битка уште пред да ја започнеме?

Сами тоа никогаш не би успеале. Токму затоа Исус ни го дал посебниот дар, Светиот Дух кој нѐ поддржува во залагањето да го љубиме секого, па макар тој бил и непријател.

„Светиот Дух кој ни е даруван на крштевањето […] е Дух на љубовта и единството. Тој сите свои верници ги обедини со воскреснатиот Исус и меѓусебно, надминувајќи ги сите различности во расата, културата и општествениот сталеж […]. Со нашиот егоизам ние градиме препреки со кои се изолираме и ги исклучуваме другите од нас. […] Затоа, слушајќи го гласот на Светиот Дух ќе настојуваме да растеме во заедништвото […] Надминувајќи ги никулците на поделбата што ги носиме во себе.“ (Кјара Лубих, Слово за Живот, јануари 1994)

Со помош на Светиот Дух и ние овој месец да се сетиме на зборовите на љубов и да ги живееме во секоја мала или голема прилика во односот со другите: да прифаќаме, да слушаме, да сочуствуваме, да водиме дијалог, да охрабруваме, да вклучуваме, да се грижиме, да простиме, да вреднуваме… Така ќе го живееме Исусовиот повик да го продолжиме неговото послание и да бидеме посредници на животот што ни го дарувал.

Токму тоа го доживеала и една група будистички монаси за време на нивниот престој во  меѓународното градче на сведоштво Лопиjано во Италија во кое неговите 800 жители настојуваат верно да го живеат евагелието. Тие биле длабоко допрени од евангелската љубов која не ја познавале. Еден од нив раскажувал: „Ќе ги оставев своите валкани чевли во ходникот, а утрото ќе ги најдев чисти. Ќе ја ставев својата валкана облека во ходник, а утрото ќе ја најдев чиста и испеглана. Знаеа дека ми студи, затоа што доаѓам од југоисточна Азија. Го засилуваа греењето и ми даваа ќебиња. Еден ден ги прашав: зошто го правите ова? ’Затоа што те љубиме, затоа што те сакаме’, му одговориле. (Кјара Лубих, Моето искуство на меѓуверско подрачје: точки на духовност отворени кон другите религии, Ахен, 13 декември 1998, стр. 3) Ова искуство отворило вистински пат за дијалог меѓу будистите и христијаните.

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот