„Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Мт 10, 8)
Овој силен повик во евангелието според Матеј, Исус им го упатува на своите следбеници, своите „пратеници“.
Тој лично се сретнал со изгубеното и страдално човештво и се сожалил над него.
Затоа сака преку апостолите да го умножи своето дело на спасение, оздравување и ослободување. Тие се собрале околу Исус, ги слушале неговите зборови и добиле послание, смисла на нивните животи. Затоа тргнале на пат да ја сведочат Божјата љубов кон секој човек.
„Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“
Што е тоа што бесплатно го добиле, па сега мораат да им го даруваат на другите?
Преку зборовите, гестовите, Исусовите избори и целиот негов живот апостолите го искусувале Божјото милосрдие. И покрај нивните слабости и ограничувања, добиле нов закон на љубов и взаемно прифаќање.
Пред сѐ го добиле дарот кој Бог сака да им го дари на сите луѓе: самиот себе, Неговото присуство на животните патеки, својата светлина за нивните избори. Тоа се непроценливи бесплатни дарови, кои ја надминуваат секоја наша способност за возвраќање.
Дарувани им се на апостолите и на сите христијани за потоа да станат канали на тие добрини кон сите оние кои секојдневно ги среќаваат.
„Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“
Во октомври 2006 година Кјара Лубик напиша:
„Во целото евангелие Исус повикува на дарување: дарување на сиромашните, оној кој ќе побара, кому му треба позајмица; дарување храна на гладниот, горната облека на оној кој од нас ја бара долната; бесплатно дарување. Самиот Тој дарува прв: здравје на болните, простување на грешниците, живот на сите нас. На себичниот нагон материјално да се осигураме Тој ја спротиставува великодушноста; на насоченоста кон сопствените потреби – вниманието кон другите; на културата на поседување ѝ ја спротиставува култура на дарување […]. Словото за живот за овој месец може да ни помогне повторно да ја откриеме вредноста на секое наше дело: од домашните работи до работата во полето или во работилницата, работењето на канцелариските работи, училишните задачи, како и одговорноста на граѓанското, политичкото и верското подрачје. Сѐ може да се претвори во внимателно и грижливо служење. Љубовта ќе ни даде нови очи за да можеме да видиме што им е потребно на другите за да им излеземе во пресрет, имагинативно и великодушно. Кои се плодовите на ова однесување? Ќе започнат да кружат добрини, затоа што љубовта ја повикува љубовта. Ќе се умножи радоста затоа што ‘поголема е радоста во дарувањето отколку во примањето’[1].“[2]
Токму тоа го раскажа и Вергенца, девојче од Конго: „Тргнав кон училиште многу гладна. По пат го сретнав чичко ми и тој ми даде пари за да си купам сендвич. Но малку подолу видов многу сиромашен човек. Веднаш помислив дека нему можам да му ги дадам парите. Пријателката која беше со мене ми кажа да не го правам тоа, туку да мислам на себе. Но јас во себе си реков: Сигурно утре ќе најдам нешто за јадење, а тој? Така нему му ги дадов парите кои беа наменети за мојот сендвич и доживеав голема радост во срцето.“
„Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“
Исусовата логика и логиката на Евангелието е секогаш да добиеме за да споделиме, никогаш да не чуваме за себе. Тоа е и повик за секого од нас да го препознаеме она што сме го добиле: сила, таленти, способности, материјални добра и тоа да го даруваме во служба на другите.
Според мислењето на економистот Луиџино Бруни бесплатноста е димензија која може да ја придружи секое делување. Затоа таа не е „гратис“, туку токму спротивното, бесплатноста не е цена еднаква на нула, туку е бесконечна цена, на која може да се одговори само со друг акт на бесплатност. [3]
Бесплатноста ја надминува пазарната логика, логиката на потрошуваштвото и индивидуализмот, отворајќи нѐ за споделување, друштвеност, братство, за новата култура на дарување.
Искуството потврдува дека љубовта без интерес е вистинска провокација, со позитивни и неочекувани последици, кои се шират како маслена дамка и во општеството.
Тоа се случило во Филипини со една иницијатива започната 1983 година.
Во тоа време политичката и општествената ситуација во земјата била многу тешка и многумина се заземале за позитивно решение. Една група млади одлучила да го даде својот придонес на оригинален начин: ги отвориле своите плакари и го извлекле она што не им било потребно. Сето тоа го продале на пазарот за користени работи и добиле мал капитал. Со него од нула започнале социјален центар и го нарекле Букас Палад, што на нивниот јазик значи „Со отворени раце“. Ги инспирирала реченицата од Евангелието: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10,8) станувајќи мото на нивната иницијатива.
Им се придружиле неколку лекари кои својот професионален придонес го понудија без интерес. И многу други ги отворија срцата, рацете и вратите на домовите.
Така започнала и се развивала големата социјална акција во корист на најсиромашните која и денес им нуди услуги на многу градови на Филипините. Најважната цел која овие години ја достигнале и консолидирале е корисниците на проектот да станат протагонисти на сопственото избавување.
Тие навистина го наоѓаат своето човечко достоинство и градат односи на почитување и на солидарност. Со совојот пример и со својата ангажираност следат и многу други на патот на излегувањето од сиромаштијата и преземањето на одговорност за еден нов соживот за себе и своето семејство, за своите градски квартови и заедници, за светот. [4]
Летиција Магри
[1] Дела 20, 35;
[2] К. Лубик, Слово за живот, октомври 2006., Нов свет бр. 10/2006.
[3] Сп. http://www.edc-online.org/it/pubblicazioni/articoli-di/luigino-bruni.
[4] http://bukaspaladfoundation.org.