„Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!“ (Лука 15, 6)
Кога пастирите на Стариот Исток се враќале од пасиште, ги броеле своите овци, подготвени да ги бараат доколку некоја им недостасувала. Дури и ноќе би оделе низ пустината за да ги пронајдат залутаните овци.
Оваа парабола е приказна за загубата и повторното наоѓање што ја истакнува љубовта на пастирот. Тој сфаќа дека една овца недостасува, ја бара, ја наоѓа и ја носи на своите рамена, бидејќи е ослабена и исплашена, можеби повредена и неспособна сама да го следи пастирот. Тој е тој што ја враќа на безбедно место и кој конечно, исполнет со радост, ги поканува своите соседи да прослават заедно.
„Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!“
Темите кои се повторуваат во оваа приказна можат да се сумираат во три дејствија: губење, наоѓање, славење.
Губење. Добрата вест е дека Господ оди да ги бара оние кои ќе се изгубат. Често се губиме во разните пустини што нè опкружуваат, или во кои сме принудени да живееме, или во кои се засолнуваме: пустините на напуштеност, маргинализација, сиромаштија, на недоразбирање, на неединство. Пастирот нè бара и таму. Дури и ако го изгубиме од вид, тој секогаш повторно ќе нè пронајде.
Наоѓање. Да се обидеме да ја замислиме сцената на пастировото избезумено пребарување во пустината. Тоа е слика што нè трогнува со својата експресивна моќ. Можеме да ја разбереме радоста што ја чувствуваат и пастирот и овцата. Оваа средба, кај овцата го враќа тоа чувство на сигурност што избегала од опасност. Затоа „пронаоѓањето“ е навистина чин на божествена милост.
Славење. Тој ги собира своите пријатели да прослават, бидејќи сака да ја сподели својата радост, како што се случува и во другите две параболи што следат по оваа, онаа за изгубената паричка и онаа за милосрдниот татко[1]. Исус сака да ја разбереме важноста на споделувањето на радоста со сите и нè прави отпорни против искушението да ги осудуваме другите. Сите сме „повторно најдени“.
„Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!“
Ова Слово за животот е покана за благодарност за милоста што Бог ја има лично кон сите нас. Радувањето и заедничкото веселење, ни ја доловува сликата на единство, каде што нема спротивставување помеѓу „праведните“ и „грешниците“, туку ја споделуваме радоста еден со друг.
Кјара Лубик пишува: „Тоа е покана да го разбереме Божјото срце, да веруваме во неговата љубов. Научени да пресметуваме и мериме, понекогаш веруваме дека и Божјата љубов кон нас може да се замори во одреден момент […] Божјата логика не е како нашата. Бог секогаш нè чека: всушност, му носиме огромна радост секој пат кога му се враќаме – дури и ако тоа е бесконечен број пати[2].“
„Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!“
Понекогаш и ние можеме да бидеме пастири, чувари еден на друг кои со љубов ги бараат оние кои се оддалечиле од нас, од нашето пријателство, од нашата заедница, барајќи ги маргинализираните, изгубените, малите кои животните искушенија ги турнале на маргините на нашето општество.
Еден наставник ни го раскажа следново: „Некои ученици повремено доаѓаа на часови. Во слободното време, кога немав настава, одев на пазарот во близина на училиштето. Се надевав дека токму таму ќе ги сретнам, бидејќи слушнав дека таму работат за да заработат за живот. Еден ден, конечно ги видов. Беа воодушевени што отидов лично да ги барам и беа трогнати од тоа колку се важни за целата училишна заедница. Така тие почнаа повторно редовно да доаѓаат на училиште и тоа беше вистинска прослава за сите“.
Подготвија: Патриција Мацола и тимот на Слово за живот
[1] Спореди Лука 15, 8 и 15, 11.
[2] К. Лубик, Слово за живот, септември 1986, во едем, Слова за живот, уредено од Фабио Сиарди (Дела на Кјара Лубик 5; Città Nuova, Рим 2017) стр. 369.