СЛОВО ЗА ЖИВОТ – Декември 2015

„Пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови“ (Марко1,3)

Овие зборови се упатени на мене. Господ доаѓа и морам да бидам подготвен да го пречекам. Секој ден молам: „Дојди, Господе Исусе“. А Тој одговара: „Да, доаѓам наскоро!“[1] На вратата стои и чука, сака да влезе во мојот дом.[2] Не можам да го оставам надвор од мојот живот. Повикот да го пречекаме Господа доаѓа од Иван Крстител. Тој повик го упатил кон евреите од неговото време барајќи од нив да ги исповедаат своите гревови, за да се преобразат и да го сменат дотогашниот начин на живот. Тој бил сигурен во скорешното доаѓање на Месијата. Дали народот кој со векови го исчекувал ќе го препознае, дали ќе ги послуша неговите зборови и ќе почне да го следи? Иван знаел дека Неговото доаѓање треба да се подготви, затоа го упатил овој итен повик:

„Пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.“

Овие зборови се упатени до мене, зашто Исус доаѓа секој ден. Секој ден тој чука на мојата врата, но тешко го препознавам, исто како и евреите од времето на Иван Крстител. Спротивно на очекувањата, Тој се претставил како скромен столар од далечното село Назарет. Денес Тој се појавува во лицето на мигрантот, невработениот, работодавачот, можеме да го препознаеме во лицето на другарката од училиштето и да го видиме во лицата на домашните. Понекогаш Исусовото лице не се гледа во неговиот сјај, дури и ни изгледа сокриено. Неговиот тивок глас нѐ повикува на простување, на доверба и пријателство, на несогласување со избори кои се спротивни на евангелието, но кое често е надвикано од други гласови кои поттикнуваат на омраза, на лична корист и корупција.

Од таму метафората за кривите и непроодни патишта кои потсетуваат на препреките за Божјото доаѓање во нашиот секојдневен живот. Нема смисла да се набројуваат слабостите, себичностите и гревовите што го заземаат срцето, правејќи нѐ слепи за Неговата присутност и глуви за Неговиот глас. Секој од нас, ако е искрен, знае кои се тие препреки кои му пречат за средба со Исус, со Неговите зборови, со лицата со кои Тој се поистоветува. Затоа денес Словото за живот ми упатува повик токму мене:

„Пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.“

Треба да го поправам ставот кој ме води кон осудување на другиот и кон прекинување на комуникацијата со него, за да можам да го разберам, да го љубам и да му служам. Треба да го поправам погрешното однесување кое ме води кон неверство во пријателствата, кон насилство, кон заобиколување на граѓанските должности и така менувајќи се, да станам личност подготвена да поднесува неправда само за да го спасам односот и ризикувајќи да придонесам во ширењето на братството во своето опкружување.

Овој месец ни е понудено тешко и силно слово, но тоа слово ослободува, може да го промени мојот живот, да ме отвори за средба со Исус со тоа што Тој ќе дојде да живее во мене, во мене да делува и да љуби.

Ако го живееме, ова Слово може многу повеќе. Може да стори да се роди Исус меѓу нас: во христијанската заедница, во семејството, во заедниците во кои делуваме. Иван со тоа слово му се обратил на сиот народ: а Бог дојде „меѓу нас“[3], меѓу својот народ. Затоа сакаме да си помогнеме едни со други за да ги исправиме патиштата на нашите односи, да ја отстраниме секоја кривина која сѐ уште постои и да го живееме милосрдието на кое оваа света Година нѐ повикува. Така, заедно ќе станеме дом, семејство способно да го прими Бог.

Ќе дојде Божик: Исус ќе најде отворен пат и ќе остане меѓу нас.

Фабио Чијарди

 к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

[1]Сп. Отк 22, 17.20;

[2]Сп. Отк 3, 20;

[3]Иван 1,14;

За авторот