Од Светото Евангелие според Лука (10, 1-15)
1. Потоа Господ избра и други седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди, 2. и им рече: „Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја. 3. Одете! Ете, Јас ве праќам како јаганца меѓу волци. 4. Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте! 5. И во која куќа влезете, прво кажете: »Мир на таа куќа!« 6. Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас; 7. и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преоѓајте од куќа в куќа. 8. И во кој град влезете, и ве примат, јадете што ќе ви принесат пред вас; 9. лекувајте ги болните што се во него и говорете им: »Се приближи до вас царството Божјо.« 10. А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови и кажете:
11. »И правот од вашиот град, што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го ова, дека се приближи до вас царството Божјо.« 12. Ви велам, дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град. 13. Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале. 14. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот, отколку вам. 15. И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, до пеколот ќе паднеш.
Како Црквата во нашето време, така и Исус го мачел проблемот со недостатокот на звања, односно работници кои треба да ги испрати во својата жетва, вредно да работат и да ги доведат луѓето во Божјата житница, односно до вечниот живот. Дека Исус го видел недостатокот на повикани и испратени, дознаваме од неговата изјава: Жетвата е голема, а работниците се малку. Па, и Тој сметал дека работниците се малку, и им ставил на срце на учениците да водат сметка за тоа. И самиот морал да преземе чекори за да одговори на таа криза и недостатокот на оние кои треба да ги испрати во жетвата Божја. А што сакал да преземе, запишано е во советите кои им ги дава на учениците, кога ги повикува на крепосен и живот во чистота, свесен дека нивното сведоштво е вистински магнет кој може да ги привлече другите да го наследуваат Учителот и да го вршат божественото послание за навестување на царството Божјо. А другиот негов повик е да го молат Господарот на жетвата да им испрати работници во жетвата. (…)
Бидејќи и денес лесно е да се пронајдат оние кои ќе ја изрецитираат или испеат светата Литургија, но недостасуваат оние кои се подготвени да се предадат до крај како жртва за Христос. Лесно е да се пронајдат оние кои за добра плата ќе обработат што треба, но проблемот е да се најдат оние кои сѐ што имаат ќе го дадат за навестување на Царството. Нема да е проблем да се пронајдат оние кои би биле способни со свештеничката служба да се прехранaт себе и своето семејство, но проблемот е да се најдат оние кои би го оставиле своето семејство за да се посветат на потребите на Црквата. Не е проблем да се пронајде некој кој живее на сметката на својата служба како добро залебен, но да се пронајде оној кој живее за својата служба давајќи се несебично за спасение на своите верници, е многу тешко. Навистина не е проблем да се пронајдат чиновници и платеници, амбициозни кариеристи или користољубиви материјалисти, но да се пронајдат скромни, умерени и великодушни работници кои се среќни, бидејќи ја вршат волјата Божја, тоа е многу тешко.
Затоа и денес, ако недостасуваат звања, тогаш недостасуваат ревни проповедници, подготвени и несебнични за да се стават на располагање на живот Бог, кои напојуваат се од Неговото Слово и од Него живеат, кои се палат на неговиот глас, и изгоруваат за спасение на душите.
Како заклучок може да се каже дека кризата за звања не е ништо друго, туку криза на верата во Бог и живото заедништво со Него во Црквата. Можеме да најдеме начини за да произведеме нови чиновници, но само е еден начинот за да дојдеме до нови вредни работници, а тоа е понизно да го молиме Бог, да се жртвуваме, да се одрекуваме, да постиме, да живееме скромно и умерено, онака како што Господ сака. Така гледаме дека Исус не бара технички решенија, затоа што меѓу останатото имало многу книжници и фарисеи, туку сакал посветени работници со ново искуство. А тоа истото го очекува и од нас, со кризата која нѐ следи да се соочиме на ист начин на кој Тој се соочи, и да живееме онака како што Тој ги учеше своите ученици, и после тоа нашите молитви до Господарот на жетвата ќе бидат услишани, а ние ќе добиеме ревни работници кои посветено жнеат на нивата Господова и ги донесуваат до вечниот живот оние кои се доверени на нивната грижа.
Патрологија/к.мк