Градот на Пресветата Евхаристија 

Градот на Пресветата Евхаристија 

 Еврозија растела под бистрото око на својата мајка, а добрината во нејзиното срце се пројавувала со нови знаци. Всушност, целата атмосфера во Торино секогаш била благонаклона за развивање на доброто кај народот. Христијанските традиции, уште од времето на апостолите, секогаш биле здрави и непоколебливи во главниот град на Савоја. Торино се нарекува „град на Пресветата Евхаристија”, заради следното чудо, за кое постојат многубројни документи. Историчарите раскажуваат дека на 6 јуни 1521 година еден војник водел магаре, натоварено со украсни предмети, меѓу кои едно Свето хранилиште.

Кога животното влегло во градот, паднало на колена, а во тоа време светиот потир се кренал во воздух, а над него пресветата Причест блескала со силни зраци. Владиката Лудовик, трогнат од чудото, направил грандиозна поворка. Тој, исто така на колена, заедно со целиот народ се молел и велел: – Господи, остани кај нас! Пред очите на сиот народ, пресветата Причест се кренала, а за време на молитвата се симнала во потирот, во светиот калеж (света чаша, потир заб.на прев.) за Причест. На истото место кога станало ова чудо, сега се издига, една убава црква – Тело Господово со натпис на мермерна плоча: – Овде едно животно се најде да ѝ даде поголема почит на пресветата Причест, отколку луѓето.  Црквата на света Богородица Утешителка се слави со своите чуда. Таа била изградена во 1679 година. Еден човек, слеп од раѓање, кој барал лек за својата болест сонувал дека една икона на Девица Марија била затрупана од револуционерите. Девица Марија му го покажала местото и му наредила да копа и рекла дека кога ќе ја најде ќе прогледа. Навистина, иконата била пронајдена на посоченото место, а слепиот прогледал. Истата икона се наоѓа над олтарот во Црквата Марија Утешителка, а местото каде што била пронајдена се гледа и до ден денешен, поклониците доаѓаат и се молат. Таму деноноќно гори кандило. Таа икона била поставена во новата црква Света Богородица Утешителка. Торино посебно е познат поради „Пресветата Плаштеница” со која било покриено телото Господово по симнувањето од крстот. Оваа плаштеница била добиена од редот на Темпларите кои му ја предале на грофот Амедеј III Савојски, учесник во Крстоносните војни.

Од 1578 година оваа света реликвија се наоѓа во торинската катедрала и привлекува многубројни поклоници. Свети Карло Боромеј и архиепископот на Милано оделе пеш до Торино за да ѝ се поклонат на Светата Плаштеница.

Катерина била неуморна кога раскажувала за традициите на Торино. Таа посебно го нагласувала фактот дека савојската престолнина е градот на Пресветата Евхаристија. Не е чудо што малата Еврозија копнеела да го прими во своето срце евхаристискиот Исус. Всушност, во тоа време не било дозволено да им се дава света Причест на малите деца. Ова прашање било уредено од добродушниот Папа Пиј X со декретот Quam sungulari од 8 август 1910 година. Според таа наредба, на децата може да им се дава света Причест штом ќе го разберат пресветиот дар и ако сакаат да го примат.

 Еврозија и Пресветата Причест 

Еврозија неколку години по ред имала желба да прими света Причест. Во својата детска душа таа ја криела поканата на Спасителот: – Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене. Од друга страна, таа одлично го имала совладано катехизисот и знаела дека секој христијанин треба барем еднаш во годината, за Велигден да се причести. При сето ова, идната апостолка си мислела дека сè уште е недостојна да го прими Христа во своето срце. Таа ги употребила сите сили за да ја очисти целосно својата душа од грешките и од заблудите, од несовршенствата. Дури да се исповеди, таа мислела дека може да ги повторува зборовите од Светото Евангелие: – Не сум достоен Господи да влезеш под мојот покрив, ама кажи ми само еден збор и јас ќе бидам излекуван. Најпосле доаѓа долгоочекуваниот ден. Тој ден бил Велигден, 23 март 1869 година во црквата Света Тереза кога Еврозија тукушто наполнила 10 години. Подготвувањето за овој голем ден започнало уште на почетокот од големиот пост. Секој ден Еврозија мислела на среќата што ја очекува на Пасха – да го прими во своето срце Исус во Евхаристијата. Со приближувањето на Велигден, чувствувала радост во срцето од слатката мисла дека најпосле во своето срце ќе го прими Спасителот. Еве што раскажува за тој среќен ден нејзината најмала сестра Наталија: – Мојата сестра Еврозија, воспитувана во христијанска средина на едно семејство што длабоко верува, беше подготвувана со голема грижа од нашите родители за првата света Причест. На Велигден во 1869 година на 10-годишна возраст таа го прими Исуса во своето срце со ангелска предаденост. Истата година, во неделата на Педесетница – Духови, Еврозија ја примила и светата тајна миропомазание.

Духовната формација на младата Еврозија

Еврозија растејќи напредувала и по патот на совршенството. По примањето на светата Причест кога имала среќа во своето срце да го прими Христа, таа станала многу набожна, бидејќи чувствувала потреба да биде посовршена за да му подготви достоен престој во својата душа на Небесниот Младоженец кого го примала често.

Нејзината мајка се радувала кога ја гледала својата ќерка дека пројавува свети чувства и дека се труди секој ден да биде што е можно посовршена… Во 1872 година во семејниот живот на Петар Алоати настапува голема промена. Таа година, Бог на доброто семејство му подарува нова рожба – последниот син Луиџи. Но, Божјата промисла на Катерина ѝ испраќа, заедно со радоста, и едно големо искушение: таа се разболува од повреда на грбот, оваа болест ѝ предизвикува неподносливи маки низ целиот нејзин живот кој навистина бил маченички и завршил во 1911 година кога Бог ја повикал од овој свет. Во тоа време кога мајка ѝ се разболела, Еврозија имала 13 години. На оваа возраст девојчињата му се радуваат на животот весело и безгрижно. Но, не било така со нашата Еврозија која, како најстара ќерка, зазема посебно место во семејството. Мајката измачена од тешката болест повеќе не можела да се грижи за потребите на семејството: таа морала да си избере своја заменичка за чување на своите помали деца. Само Јосиф бил малку поголем од Еврозија, а сите други деца биле мали и имале потреба од мајчинска грижа. Еден ден, мајката ја повикала Еврозија за да ѝ соопшти дека Бог ја повикува и таа понатаму да се грижи за своите помали браќа и сестри. Еврозија тукушто го завршила основното образование со одличен успех и настојувала да продолжи со школувањето за да ги развие своите таленти што Бог ѝ ги дал. Но, тешката болест на нејзината мајка ѝ донела нови задолженија и идеали. Кога Јосиф бил 15-годишен, Мелхиор иако помал од Еврозија се подготвувал да замине за Скарнафиџи за да пристапи во колеџот на отците Лазаристи. Семејството на Петар Алоати било благословено од Бога. Тоа имало уште три помали деца: Христина на 8 години, Наталија на 6 години, а Франческо тукушто ја започнал четвртата година.

Миленичка на Еврозија била малата Христина на која ѝ слугувала како мајка цели 10 години, додека да пристапи како чесна сестра во редот на сестрите Сакраментинки во градот Торино. Тука Христина ги минала последните години од својот живот што бил многу кус и умира како примерна чесна сестра на 15 октомври во 1883 година. Наталија и Франческо ги чувствувале мајчинските грижи на Еврозија цели 15 години т.е. додека станале зрели за живот, а кога нивната сестра заминала во Македонија за да му го посвети својот живот на Божјиот повик Еврозија имала можност да ги пројави сите свои душевни и умствени способности како воспитаничка на овие помали браќа и сестри. Истовремено, таа во својата душа го развила зародишот на сите христијански добродетели. Така, таа во својот дом ја минала школата како воспитувач, за да ги добие педагошките способности кои ги применила на дело како воспитувачка на младите девици во Македонија.

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот