Скопје: Монс. Стојанов ја предводеше Литургијата на Цветници

Во недела 20 март 2016 во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје евхаристиската прослава на празникот Цветници – Недела на страданијата Господови, ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов.

Прославата на Цветници започна со благословот на маслиновите гранчиња и со процесија околу катедралата збогатена со песните на катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова.

По изведбата на Маката Господова која ја пееја членовите на катедралниот хор, следуваше проповед на бискупот Стојанов во која тој ја истакна радоста заради доаѓањето на државниот секретар на Светиот Престол кардиналот Пиетро Паролин, чие доаѓање претставуваше големо охрабрување. Бискупот ги повика собраните верници со силата на верата да навлезат во содржината на Страстната седмица која Црквата им ја нуди на верниците, размислувајќи за страданијата Христови и таинствата на спасението кои нѐ водат кон воскресението.

По Светата миса беше организиран традиционален Велигденски саем кој е дело на братската љубов, а целта е собраните средства од саемот да бидат наменети за помош на сиромашните семејства.

к.мк/Д.Т./Е.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот