Бискупот Стојанов упати писмо до врховниот архиепископ Шевчук

Бискупот Стојанов упати писмо до врховниот архиепископ Шевчук

Скопскот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов по повод големите страдања, што во овие исклучителни тешки моменти ги поднесува Црквата и Украина, на 1 март 2022 година упати писмо до врховниот архиепископ Киевско – калички, Неговото Блаженство Свјатослав Шевчук, во кое ја искажува молитвената близина со Црквата во Украина и целиот украински верен народ, ветувајќи ја христијанска и братска солидарност, грижа и молитвена поддршка.

Епископот Стојанов истакнува дека Црквата во Македонија од срце го прифати повикот на папата Фрањо 2 март да биде ден за пост и молитва и солидарност со Украина и украинскиот народ и ја ветува молитвата за најранливите: децата, болните, возрасните лица, оние кои мораа да ги напуштат своите домови, за загинатите и ранетите и сите оние кои на еден или друг начин страдаат од ужасите на воените дејствија. „Го молиме Господ за мудрост на оние кои се обидуваат преку дијалог да постигнат праведен мир, кој ќе биде гаранција за иднината“ – пишува бискупот Стојанов.

Осврнувајќи се на солидарноста и помошта која ќе биде испратена преку Македонски Каритас, епископот Стојанов истакнува дека е од срце и знак на поврзаноста со страдањата на украинскиот народ.

„Сигурни сме дека пастирската грижа, храброста и личното сведоштво, кои ги покажавте заедно со вашето свештенство и страдањата кои ги поднесувате Воскреснатиот Господ ќе благослови од рушевините да се роди нов живот и иднина за Црквата во Украина“ – стои во писмото на бискупот Стојанов упатено до врховниот архиепископ, Неговото Блаженство Свјатослав Шевчук.

Епископот Стојанов го завршува писмото ветувајќи му ја молитвената близина.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот