Папата: Агресорската војна против Украина е нечовечка и светогрдна

Папата: Агресорската војна против Украина е нечовечка и светогрдна

По молитвата Ангел Господов на 20 март 2022 година, Папата истакна: „Сето ова е нехумано! И многу повеќе, тоа е и светогрдие, бидејќи се коси со светоста на човечкиот живот, особено против беспомошниот човечки живот кој треба да се почитува и штити, а не да се елиминира, а кој е пред секоја стратегија!“ Ја спомена и вчерашната посета на украинските деца во болницата Bambino Gesù и ги покани верниците да му се придружат во петок во посветата на човештвото, особено Русија и Украина, на Безгрешното Срце на Марија.

По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо најнапред истакна дека, за жал, не престанува насилната агресија врз Украина, тоа бесмислено крвопролевање во кое секојдневно се повторуваат уништување и суровост. Нема оправдување за тоа – посочи Светиот Отец и силно ги охрабри сите фактори на меѓународната заедница искрено да се заземат за да се стави крај на оваа одвратна војна. И оваа недела, додаде тој, проектили и бомби погодија цивили, постари лица, деца и бремени мајки.

Сето тоа е нехумано

Папата напомена дека вчера, на празникот Свети Јосиф, ги посетил ранетите невини деца од Украина кои се хоспитализирани во детската болница Bambino Gesù во Рим и потсети на милионите украински бегалци кои мора да бегаат оставајќи сè зад себе, а посебно болка чувствува за оние кои немаат ни шанса да побегнат – рече папата Фрањо.

Многубројни баби и дедовци, болни и сиромашни, одвоени од семејствата, бројни деца и изнемоштени луѓе, остануваат да умираат под бомбите, неможејќи да добијат помош и не наоѓајќи сигурност ниту во засолништата за воздушни напади. Сето ова е нехумано! И многу повеќе, тоа е и светогрдие, бидејќи се коси со светоста на човечкиот живот, особено против беспомошниот човечки живот кој треба да се почитува и штити, а не да се елиминира, а кој е пред секоја стратегија! Да не заборавиме: тоа е сурово, нечовечко и светогрдие – истакна Папата и поттикна на тивка молитва за сите што страдаат.

Близина со измачените луѓе

Тој потоа истакна дека е утешно да се знае дека на луѓето кои останале под бомбите не им недостига близината на пастирите, кои го живеат евангелието на љубовта и братството во овие трагични денови. Тој разговарал телефонски со некои од нив; тие се блиски до Божјиот народ – рече Папата и им се заблагодари за нивното сведочење, за поддршката што им ја даваат на толку многу очајни луѓе. Посебни размислувања упати за Апостолскиот нунциј, надбискупот Висвалдас Кулбокас, кој со своите соработници остана во Киев од почетокот на војната. Со своето присуство, рече Папата, секој ден ме прави близок со измачениот украински народ.

Да бидеме блиски со овој обесправен народ, да го прегрнеме со љубов, и конкретна посветеност и молитва – рече Папата и предупреди: Да не се навикнуваме на војна и насилство, да не се умориме од сегашното великодушно прифаќање; Да не го правиме ова само сега, во криза, туку и во наредните недели и месеци. Знаете дека на почетокот сите даваме сѐ од себе во прифаќањето, но по навиката малку ни се оладува срцето и забораваме. Да мислиме на овие жени, овие деца, кои со текот на времето, без работа, разделени од своите мажи, ќе станат жртви на социјалните мршојадци. Да ги заштитиме, ве молам – повика Папата.

Посвета на Русија и Украина на Безгрешното Срце на Марија

На крајот, Светиот Отец ги покани сите заедници и верници да му се придружат во петок на 25 март, на празникот Благовештение, на свечениот чин на посветување на човештвото, особено Русија и Украина, на Безгрешното Срце на Марија, како таа, Царицата на мирот, измоли мир за светот. Истиот ден, кардиналот Конрад Крајевски ќе го стори тоа во Фатима како Папски пратеник.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот