Папата: Милосрдието е извор на молитвата, душа на дејствувањето и израз на жртвата

Папата: Милосрдието е извор на молитвата, душа на дејствувањето и израз на жртвата

На средбата со членовите на „Circolo di San Pietro“, римско здружение кое им помага на најранливите, папата Лав XIV ја нагласи важноста на христијанското милосрдие како движечка сила на нивната служба.

„Милосрдието секогаш нека биде извор на вашата молитва, душа на вашето дејствување и израз на вашата духовна жртва“, им рече папата Лав XIV на членовите на добротворното здружение со седиште во Рим во понеделникот, 12 октомври 2026 година.

Папата Лав во Ватикан се сретна со членовите на Circolo di San Pietro („Кругот на Свети Петар“), римско здружение основано во 1869 година, кое им помага на најпотребните преку народни кујни, прифатни центри, засолништа и други облици на поддршка.

Папата им се заблагодари за нивната работа, нагласувајќи дека тие „помагаат да се обликува убавото лице на Црквата, која сведочи за Евангелието меѓу сиромашните и најранливите“.

Црпејќи вдахновение од мотото на здружението, „молитва, дејствување и жртва“, папата Лав се осврна на милосрдието, за кое рече дека ги обединува и опфаќа сите три елементи.

Молитва, дејствување и жртва

Најнапред ја истакна важноста на молитвата како „темел на милосрдието“, бидејќи таа го негува нашиот однос со Бога.

„Молитвата е токму оној однос преку кој го примаме милосрдието што сме повикани да го даруваме“, објасни тој, поттикнувајќи ги присутните секогаш да се враќаат на Божјото Слово и молитвата како извор на сила за нивната служба.

Потоа папата Лав се осврна на вториот збор од нивното мото, дејствувањето, кое покажува каде треба да се насочи љубовта примена од Бога, претворајќи се во „посветеност на животот и служењето“.

„Молитвата станува делотворна кога е насочена кон нашиот ближен“, забележа тој. „Љубовта мора да стане цел, пат и смисла на нашиот живот.“

На крајот, Папата се задржа на третиот елемент, жртвата, која ја опиша како „самото срце на милосрдието“, бидејќи ни покажува како да ја живееме рамнотежата меѓу молитвата и дејствувањето.

„Дарувајќи го своето време, својот ентузијазам, па дури и својот труд за доброто на најмалите меѓу нас, вие учествувате во делото на Христос, Кој нè возљуби и го даде Својот живот за нас“, нагласи Папата.

Петровиот денар

Во своето обраќање, Папата му се заблагодари на Circolo di San Pietro и за собирањето на прилозите за Петровиот денар, задача што здружението ја извршува низ целата Римска епархија.

Петровиот денар „ја поддржува грижата на Римскиот епископ за овој град и, истовремено, помага да се одговори на потребите на Апостолскиот Престол во неговата служба на целата Црква“, рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот