Скопје: Духовна обнова за духовенството

Скопје: Духовна обнова за духовенството

Во просториите на катедралната парохија „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје на 20 февруари 2017 година се одржа Духовна обнова за духовенството на Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија. Средбата ја отвори дон Давор Топиќ поздравувајќи ги присутните, а потоа Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, потсетувајќи дека се наоѓаме во Година на молитвата, одржа предавање за молитвата и постот на тема: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“

Средбата продолжи со обожавање и благослов со Светата Причест, како и можност за света Исповед. За време на светата Литургија бискупот Стојанов, повикувајќи се на литургиското читање од Книгата Сирахова, истакна дека Бог се објавува како мудрост и на секој од нас му дарува, толку колку што можеме да се оствариме себе, според Божјиот план. Зборувајќи за Eвангелието рече дека Исусовото дејствување се манифестира во спасителната порака; дојде да го навести словото, да го спаси човекот и да ги излекува болните.

На крајот бискупот Стојанов, обраќајки се до свештениците и чесните сестри, рече: „Да не заборавиме дека ние сме според своето звање повикани и испратени да бидеме луѓе на молитва, да учествуваме во спасителната Христова служба која е навестување на Словото, славење на Бога и Неговата победа над лошиот.“

По завршувањето на светата Литургија во парохиската сала следуваа моменти на заедништво и дружење.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот