Скопје: Бдение за нови духовни звања
Во катедралата Пресвето Срце Исусово Скопје во сабота на 25 април 2015 година во вечерните часови во пресрет на Неделата на Добриот Пастир и Светскиот молитвен ден за нови духовни звања е одржано Молитвено бдение за нови свештенички и монашки звања.
Славењето го предводеше скопскиот капелан дон Јошт Мезег, а на славењето присуствуваше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монсињор Киро Стојанов, монашките заедници и млади. Во првиот дел се молеше свечена вечерна молитва од Божествениот часослов и после тоа служба на Словото со две читања. Првото читање зборуваше за повикот на Јеремија и второто од Евангелието по Лука за посланието на седумдесет и двајцата ученика. Потоа дон Јошт одржи кратка хомилија во која зборуваше на младите за радикалноста на Божјата љубов која нè повикува на неа радикално да одговориме следејќи го Божјиот повик.
Најинтересни беа личните сведоштва во вториот дел од бдението кога посветените лица сведочеа како Бог ги повикал да Го следат. Искуства споделија од женскиот фоколар на Делото Мариино Ана Мартинчевиќ, мисионерка на љубовта с. Кристина, евхаристинка с. Татјана Атанасова и усмилинка с. Вита Тоневска. Бискупот Стојанов ги заврши овие сведоштва со краток наговор истакнувајќи ја желбата Господ во својата жетва да повика некои од младите од оваа парохија.
Третиот дел беше обожавање на Пресветата Евхаристија во кој присутните можеа преку времето на тишина и размислување врз основа на Евангелието за слепиот од Ерихон да го отворат своето срце за Господ и да бараат од Него да им ги отвори очите и да им даде сила да ја вршат Неговата волја. Бдението е завршено со свечен благослов и молитва за нови духовни звања.
Ова е веќе второ молитвено бдение за духовни звања во скопската парохија и на желба на присутните особено на младите ќе се одржува и во иднина. Секој духовен повик е измолен, а и самиот Господ вели дека е потребно „молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја.“ (Лк 10, 2)
к.мк/J.M.