Сестри кои постојано го обожаваат Евхаристискиот Исус во своите манастири
Вечно Евхаристиско обожавање – Извор на мојата животна радост
Да се молиш и вечно да се поклонуваш на Исус во Пресветата Тајна Евхаристија зад манастирските ѕидини и клаузурните решетки, често сте се запрашале зошто сето тоа. Што е тоа што ги поттикнало да живеат повлечено во самоодрекување еден таков за нас луѓето необичен живот? Да се живее во строга клаузура, да се откажуваш, да не бидеш присутен на важните семејни прослави и настани… па дури ниту на погребот на татко ти или мајка ти. Што е тоа во нив што им дава толку сила и ноќта да стануваат и да се откажат од својот ноќен сон за да му се поклонуваат на Евхаристискиот Исус во Пресветата Евхаристија? Дали тие се некои посебни луѓе, можеби идни светци? Не, тие се нормални луѓе како и сите ние. Тие се целосно слободни (иако просторно ограничени) од секаков вид на наврзаности на земските работи, весели се и радосни во своето срце, многу повеќе отколку што ти можеш да замислиш. И тие се луѓе, грешници како и ние, често паѓаат, но се подигнуваат и храбро со Исус одат напред, не се плашат од утре и од иднината… Живеат вечно од Божјата провидност. Никогаш не излегуваат од манастирот, освен ако навистина е неопходно да одат на лекар. Нивните соби за разговор се одделени со решетки.
Една таква женска монашка заедница е – Конгрегацијата на Служителките на Светиот Дух од Вечното обожавање, во народот попознати како „Розовите сестри“ по својата монашка облека. Основана е на празникот на Безгрешното зачнување на Блажена Дева Марија на 8 декември 1896 година во местото Стеил во Холандија од свети Арнолд Јансен како своја трета монашка заедница. (…) Вдахновение им даваат Исусовите зборови: „Жетвата е голема, а работниците малку, затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“ (мт 9, 37-38). Главната задача им е молитвата и жртвата во срцето на Црквата за светот и неговото спасение, за свештениците, мисионерите и мисионерките и за сите оние кои непосредно учествуваат во ширењето на Радосната вест за спасение. Сестрите преку денот на секој половина част, а ноќта на секој час се менуваат во обожавањето пред Пресветата Евхаристија. Седум пати на ден се состануваат на молитва. Тие се контемплативна заедница. Сестрите се занимаваат со печење на хостии, изработуваат честитки -разгледници, работат во својата градина зад манастирските ѕидини…
Една од тие сестри е сестра Марија Магдалена Крусе. По националност таа е Германка. Денес има 54 години. Веќе 30 години е Служителка на Светиот Дух од Вечното Обожавање. Во ова Конгрегација влегла во манастирот Пресвета Троица во Бад Дрибург во Германија.
„Вечно Евхаристиско обожавање – извор на мојата животна радост, така гласеше статијата во еден католички весник пред повеќе од 25 години кој ме привлече и во длабочината на мојата душа силно ме трогна“ – се сеќава сестра Магдалена и продолжува: „Беше напишан од една сестра од нашата Конгрегација и оставаше многу добар впечаток за животот на сестрите, нивната работа и задачата во црквата и пред сè во служба на Вечното Евхаристиско обожавање. Тогаш имав 19 години и бев пред завршниот испит за продавачка. Самата помисла за да одам во манастир веќе некое време ме следеше, но после ова прочитана статија повеќе немав мир. Затоа напишав едно писмо до манастирот во Бад Дрибург со молба да ми испратат подетални информации за заедницата. Наскоро добив позитивен одговор и повик да одам да го посетам манастирот, за да можам одблиску да си создадам слика за сето тоа. Веќе уште на првата посета и средбата со тие сестри, а посебно посетата на манастирската црква каде што ден и ноќ е изложена Пресветата Евхаристија и каде што сестрите клечат ми даваше јасен знак дека тој е мојот животен пат.(…) Овде ме привлекуваше таа строгост, клаузура… која целиот свој живот сум ги сакала. Помина уште една година молитва, искушенија и преиспитување, дали јас сум навистина за еден таков живот во сокриеност, оделеност од светот.
Во таа година морав да ги решам сите семејни и пријателски проблеми и ситуации. Тие не можеа со тоа да се помират што јас сакам да влезам во еден таков манастир. Мене исто ми беше жал, што повеќе нема да можам да дојдам да ги посетам, но кога видов дека сум среќна што сакам да направам еден таков чекор и што сакам да живеам еден таков живот во сокриеност целосно посветена на Бог, тогаш се помирив со тоа. Најтешко ми беше кога гледав дека тие на некој начин патат за мене. Но, сетоа тоа уште повеќе ме зацврстуваше во моето звање и во мојата одлука. Кога веќе влегов во манастирот се изненадив, претпоставував дека сето тоа е некако поинаку, построго, а всушност не беше така. Доживеав весели и радосни сестри, нормални, не некои непознати и поинакви од другите како што некои го мислат тоа за контемплативните заедници. Во постолатурата добив една бела монашка облека со бел превез. Во првата година го запознавав животот и духовноста на Конгрегацијата и се преиспитував дали сум на вистинското место. Заедницата ме запознаваше мене, а јас заедницата. Тоа беше прекрасна година полна со некои исчекувања. Пред сè морав да се прилагодам на животот во манастирот, на дневниот ред кој целиот ден е исполнет со работа, молитва и со вечно евхаристиско обожавање. Седум пати на ден се сретнуваме во црквата на хорска молитва и сите молитви од часословот ги пееме. Овде уште е поклонувањето дење и ноќе, преку ден се менуваме на секој половина час клечејќи пред Пресветата Евхаристија, а ноќта на секој половина час. Дневно имаме и еден час за лична молитва. Со своите способности и таленти секоја сестра помага и работи на сите работи во манастирот, во трепезаријата, кујната, чистењето, манастирската градина, сакристијата, перење, протирница, печење на хостии, изработка на разгледници, одежди, бројаница итн… Во таа година имаше и тешкотии, крстови, но сите одговори и помош ги наоѓав кај својата учителка постолантка. Таа ми помагаше сето тоа да го пребродам. Но, во сетоа тоа ме зацврстуваше моето духовно звање. Потоа две години бев во новицијат. После тоа ги дадов моите први монашки завети кога ја добив розовата монашка облека – знак на посветата на Светиот Дух, со бел шкапулар и бел вел – знак на една посебна посвета на Блажена Дева и Мајка Марија. Пет години подоцна ги положив и моите вечни завети, кога го добив нашиот мисиски монашки крст околу вратот. (…)
Сестра Магдалена го заврши своето сведошто со зборовите: „Мислам дека денес духовно би умрела кога не би се поклонувала на Исус изложен во Пресветата Евхаристија. Мојот животен пат и повик да бидам за сите и за сè молителка посебно за мисиите, мисионерите и мисионерките по целиот свет и да бидам вечен поклонувач на Евхаристискиот Исус. Во Евхаристијата и обожавањето ја имам целата своја животна среќа и внатрешно исполнување. Со благодарност во срцето и денес со сигурност и со целото срце можам да кажам дека Вечното Евхаристиско обожавање стана извор на мојата животна радост.
КТА/Франциско Павлјик/к.мк/Д.И.