На 3 декември 2024 година во Македонската филхармонија се одржа свечен предновогодишен прием за црквите, верските заедници и религиозните групи во Македонија, на кој присуствуваше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски бискуп монс. д-р Киро Стојанов. На средбата се обрати претседателката на Македонија Гордана Силјановска Давкова и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религизозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска, која ги додели признанијата „Вељо Манчевски“.
Во рамки на настанот на сестрата Евхаристинка Наталија Стојанова, ѝ беше доделено признанието на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи „Вељо Манчевски“. Таа 46 години како сестра монахиња во чистота и сиромаштво во име на евхаристискиот Исус им служи на лицата во потреба. Како монахиња има дејствувано на повеќе места во Македонија. Сиот свој живот делува како хуманитарка се грижи за болните, немоќните и пред се за сиромашните, осамените и напуштените лица. Нејзината грижа дојде до израз со отворањето на Каритас Македонија, денес фондација Македонски Каритас каде од самиот почеток им служи на веќе споменатите лица. Покрај хуманитарно-каритативната дејноста е и во служба на парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, како сакристанка. Со својот скормен, едноставен и длабок верски однос и утешен збор таа е препознатлива кај луѓето во потреба, кои долги години во неа имаат искрен, верен пријател и помагател, чувствувајќи ја нејзината љубов кон Бога и кон ближниот.
Добитник на наградата од Македонската православна црква е академик Ѓорги Поп Атанасов. Од Католичката, сестра Наталија Стојанова, од Исламската верска заедница, Идриз ефенди Идризи, а од Еврејската, д-р Самуел Садикарио- Коломонос. Од Евангелско методистичката црква, оваа година, наградата постхумно му беше доделена на трагично починатиот претседател Борис Трајковски.
На свечениот прием присустваа, членови на Владата, верски поглавари и великодостојници, голем број на свештеници и верски службеници, духовници, монаси и проповедници, пратеници во македонското собрание, претставници на државните институции, како и голем број на видни гости.
Во богатата програма, покрај останатите хорови настапи и катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ од Скопје под диригенство на маестро Јулија Неловска.
Признанието Вељо Манчевски се доделува како највисоко годишно признание за особен придонес на правни и физички лица кои со својот ангажман, активност и труд, трајно се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера во државата. Истото го носи името на Првиот верски референт на Македонија од 1943 година, асномецот Вељо Манчевски.
к.мк