Свечена академија во МАНУ по повод канонизацијата на Мајка Тереза
На 6 септмври 2016 година во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје во рамките на манифестацијата „Денови на света Мајка Тереза“ се одржа свечена академија по повод канонизацијата на света Мајка Тереза. На академијата беа присутни високи државни и црковни претставници, а свои обраќања имаа претседателот на МАНУ Таки Фити, министерката за култура на Република Македонија г-ѓа Елизабета Канческа Милеска и Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија
Свечената академија започна со изведба на „Аве Марија“ од Шуберт, во изведба на студенти од Музичката академија во Скопје. Потоа следеше обраќање на претседателот на МАНУ Таки Фити кој истакна дека Македонија со гордост го одбележува чинот на прогласувањето на Мајка Тереза за светица, која според своето дело влегува во редот на најмаркантните светски личности на 20 век.
Понатаму тој истакна: „Мајка Тереза длабоко беше свесна дека живееме во неправеден свет. Во основа на развојот на модерната цивилизација се наоѓа логиката на акцијата на иманентните пазарни регулативи, кои во една рака, креираат добросостојба и моќ, а од друга страна ја концентрираат мизеријата, сиромаштијата и социјалната отфрленост.“
Академикот Фити заклучи дека хуманистичките пораки на света Мајка Тереза денес треба да бидат вткаени во сите сегменти и пори на нашето живеење – во обичниот живот, во науката, културата, политиката…
Потоа се обрати министерката за култура на Р.Македонија г – ѓа Канческа Милевска која истакна дека академијата е дел од богатата агенда на религиозни, културни и научни настани кои црковните и државните институции ги реализираат во чест на света Мајка Тереза. Таа ја цитираше јапонската универзитретска професорка Хироми Кудо која во една прилика истакнала: „Ако некој сака да го запознае животот на Мајка Тереза треба да ги посети институциите кои таа ги формира во Индија, но ако некој сака да ја запознае нејзината душа тогаш треба да дојде во Скопје.“
Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов велејќи дека му претставува голема чест да говори за најголемата жена од нашиот род, истакна: „Уважени присутни, на ваква светост повикан е секој човек. Секој од нас има повик да биде вистинит, неповторлив, единствен и да помине низ животот оставајќи зад себе светла трага. Секој од нас е запалена ѕвезда на темната позадина на небото за да биде ориентир кога навистина ќе нѐ покрие темнината. Нивниот сјај никогаш не згаснува. Таква е нашата сограѓанка Мајка Тереза. Таа во еден од најсиромашните краеви на светот засветила, би се осмелил да кажам, дури како сонце кое не познава залез. Не била врзана за нашите граници, култура, јазик, нација, социјален статус, туку се издигнала над сето тоа премостувајќи ги сите тие категории за да ја пренесе главната порака низ дела, а не само со збор. Човече ти си човек. Кога на улиците на Калкута ги собирала тие кои биле на умирање, била свесна дека нема да ги спаси од смртта дури ни од болеста, но ќе ги измиела, ќе ги прегрнела и ќе им шепотела за да умрат достоинствено како луѓе. Најголема светост е да се биде човек на човека, надминувајќи ги сите ограничувања. Таквата херојска љубов не познава граници, не и е позната омразата, не знае што е одмазда, ниту што е себичност, знае само едно: да му помогне на човекот да биде човек.
Кога Католичката црква под многу строги критериуми ќе одлучи некого да прогласи за свет тоа не го прави за да го негира милијардитото мноштво, туку за да поттикне на следење на оние кои со својот пример оставиле печат. Католичката црква ги прогласува за свети, што значи дека во таа личност се манифестирала и била забележана Божјата светост, добрина, љубов и присутност. Така е во христијанскиот свет, во најширока смисла на зборот, секој кој е крстен е повикан на светост и сигурно дека огромен е бројот на наши предци, родители, ближни чие светло и сега осветлува во нашите души, додека светците како Мајка Тереза повеќе се воздигнати за да ги препознае целото човештво, да ги препознае како остварена љубов или барем како повик на љубов.“ рече бискупот Стојанов.
Свечената академија заврши со музички настап, а беше прочитана и песната „Збогување“ која Мајка Тереза ја има напишано по повод нејзиното заминување од Скопје.
к.мк/Е.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк