Светскиот ден на млади во Краков – време на милосрдие
Започна одбројувањето на деновите до Светскиот ден на младите во Краков, чија прослава ќе започне токму за една година, односно на 26 јули следната година.
Се очекува дека најмалку два милиони млади од целиот свет ќе дојдат на тој настан, вклучен во Годината на милосрдието која ја одреди папата Фрањо. За Светиот Отец тоа е „време на милосрдие“, погодно за исцелување на раните на сите оние што сакаат да ги видат и допрат со рака знаковите на Божјата близина. Тоа е прилика, според зборовите на Папата, да им се понуди на сите патот на простувањето и помирувањето. Оваа недела ќе проработи и ваб страница која ќе ги означува деновите кои ќе недостасуваат до тој настан, а во меѓувреме започна и пријавувањето на учесниците.
Патер Грзегор Суходолски, главен секретар на Организацијскиот одбор на Светскиот ден на млади во Краков, во разговор за Радио Ватикан изрази надеж дека тоа навистина ќе биде вистински Јубилеј на младите. Местата на кои ќе се одржат најважните настани веќе се подготвени, а тоа е пред сѐ, тревникот во центарот на градот, на кој ќе се одржат трите централни настани: литургијата со која ќе започне обележувањето на денот, во вторник; потоа пречекот на папата Фрањо, во четврток; како и Крстниот пат во петок.
Второто место е поврзано со краковските светилишта, истакна патер Суходолски, со Светилиштето на Божјото милосрдие и на километар одалечениот голем центар Иван Павле Втори, нов центар кој е сѐ уште во изградба, но до следната година ќе биде довршен. Таму преку четири дена, без прекин, ќе се одржува „патувачка“ катехеза. Сакаме тие две места да ги посетат сите млади, сите пријавени групи.
Покрај Базиликата на Божјото милосрдие ќе биде опремен и простор на простувањето, токму поради поделбата на светата тајна исповед на различни јазици, истакна отец Суходолски и додаде дека третото големо место во подготовките се наоѓа во близина на Краков, 12 километри одалечено од центарот на градот, кое е наречено Камп на милосрдието (Campus misericordiae). На тоа место се предвидува одржување на два големи настани: молитвеното бдеење во сабота, како и литургијата во неделата.
Што се однесува, пак, до самата подготовка на младите за тој настан, отец Суходолски рече дека духовниот од на полските млади трае веќе неколку месеци. Оваа година темелно се разработуваат светите тајни: светата Тајна Исповед и светата Тајна Евхаристија. Во секоја бискупија во Полска делува Бискупски центар за Светскиот ден на младите, а во секој тој центар, освен за решавање на логистичките прашања се наоѓа и оддел за формација. За нас е важно да организираме мали групи за формација, со цел, да создадеме вистински христијански заедници, истакна главниот секретар на Организацискиот одбор на Светскиот ден на младите.
На новинарско прашање што, според неговото мислење, ќе го одбележи тој ден, отец Суходолски истакна дека тоа ќе биде сигурно свети Иван Павле II, бидејќи тој ги поттикна Светскиот ден на младите. Краков е неговата бискупија, тука живееше и ја извршуваше својата служба како свештеник, бискуп и кардинал. Затоа, враќањето на трагите од Карол Војтила, сигурно би било знак на благодарност за дарот на светските денови на младите. Освен тоа, треба секогаш да мислиме на тоа дека Краков е град на милосрдието. Овде живеела и сестра Фаустина Ковалска, овде починала и тука се наоѓа нејзиното светилиште.
Потоа, мислам и дека темата на милосрдието, во јубилејната година на милосрдието, сигурно ќе биде голем знак за целиот свет. Сакаме, токму од Краков на сите да им ја запалиме онаа искра која ќе го подготви светот за последното Христово доаѓање: тоа се Исусовите зборови кои им ги кажал токму на сестра Фаустина. Ние, затоа, навистина се подготвуваме за од Краков да произлезе силен духовен поттик за сите да ја откријат потребата за милосрдие, истакна отец Суходолски.
РВ/В.Н.