Расте исчекувањето за 10. Светската средба на семејствата, која почнува на 22 јуни 2022 година со присуство на Светиот Отец и завршува во недела. Тема на средбата е „Семејната љубов: повик и пат до светоста“.
Рим ќе биде главниот центар на 10. Светска средба на семејствата, меѓутоа, во настан без преседан обележан со мултицентрична и широко распространета димензија, секоја епархија ширум светот ќе може да организира локална средба за семејствата и заедниците од 22 до 26 јуни.
На овој начин, секое семејство во светот ќе може да учествува на средбата што се одржува шест години по објавувањето на Апостолскиот поттик Amoris Laetitia и четири години од Gaudete et Exsultate. Ова го истакна и папата Фрањо во видео порака во јули минатата година, кога ја претстави посебната форма на средбата. Тоа ќе биде – рече тогаш Папата – можност Провидноста да создаде светски настан кој ќе ги вклучи сите семејства кои сакаат да се чувствуваат дел од црковната заедница.
„Затоа ги повикувам епархиските заедници, каде што е можно, да планираат иницијативи засновани на темата на средбата и користејќи ги симболите подготвени од Римската епархија. Ве молам бидете живи, активни и креативни, како би се организирале со семејствата, во согласност со она што ќе се случи во Рим. Тоа е драгоцена прилика во која можеме со ентузијазам да се посветиме на семејната пасторална грижа: сите заедно, брачни парови, семејства и пастири. Затоа, бидете само храбри, драги пастири и драги семејства, помагајте си во организирањето на средбата во епархиите и парохиите на сите континенти. Среќен пат до следната Светска средба на семејствата!“, рече во таа прилика Светиот Отец.
Програма
На 19 јуни оваа година, во молитва Ангел Господов, Папата потсети на претстојната средба на семејства. Тој, исто така, им се заблагодари на „епископите, пастирите и лицата вклучени во пасторалот со семејства кои ги поканија семејствата на моменти на размислување и славење“. Посебно им се заблагодари на сопружниците и семејствата кои ќе бидат сведоци на семејната љубов како повик и начин на светост.
Отворањето на средбата на 22 јуни ќе биде одбележано со Фестивал за семејства на кој ќе присуствува и папата Фрањо. Следниот ден се планирани четири панели, меѓу кои една на тема „Сопружниците и свештениците заедно ја градат Црквата“ и две конференции, од кои едната ќе се фокусира на следење на првите години од бракот. Во петок, на 24 јуни, ќе се разгледуваат и други прашања, како што се „Брачниот катехуменат“ и „Повикот и посланието на егзистенцијалните периферии“. Во сабота конференцијата ќе биде посветена на семејството Beltrame Quattrocchi. На тој ден панелите ќе се фокусираат на патот за светоста, а на крајот на денот светата Литургија ќе ја предводи папата Фрањо на плоштадот Свети Петар. Средбата завршува во недела на 26 јуни со „Мандат за семејствата“.
Светски средби на семејства: од 1994 година до денес
Во 1994 година, Обединетите нации ја прогласија за „Меѓународна година на семејството“. На поттик на папата Иван Павле II се слави и „Година на семејството“ – тогаш се одржува и првата светска средба во Рим. Три години подоцна, во 1997 година, папата Иван Павле II ги поканува семејствата од целиот свет во Рио де Жанеиро, Бразил да размислуваат за темата: „Семејство: подарок и посветеност, надеж на човештвото“ Третата светска средба се одржa во Рим во контекст на Големиот јубилеј 2000 година. Три години подоцна семејствата се собраа во Филипините, за да се продлабочи темата: „Христијанското семејство: Добра вест за третиот милениум“. Во Валенсија, Шпанија се одржа петтата светска средба. Три години подоцна во Мексико Сити, настанот се фокусираше на „Семејството, воспитувач на човечки и христијански вредности“. Милано е домаќин на седмиот Светски собир, а во 2015 година, семејствата се собраа во Филаделфија за да размислуваат за темата „Љубовта е нашето послание, семејството е целосно живо“. Деветтата светска средба се одржа во Даблин, Ирска, врз основа на постсинодалниот Апостолски поттик Amoris Letitia. Сега средбата, во своето 10. издание, повторно е во Рим, на тема „Семејната љубов: повик и пат до светоста“.
Ватикан њуз/к.мк