Денешниот празник преку примерот на светите лекари, Кузман и Дамјан, ни дава за можност да ја откриеме убавината на мачеништвото, односно да се биде сведок со сопствениот живот за бесплатната Љубов, која е извор на радоста и вечноста Божја за нас. Оваа Љубов е за нас, како што била и за светите Лекари. И може да ја препознаеме преку три карактеристики кои ни се нудат во светло на текстови од Светото Писмо.
Во првиот текст, четвртиот од седумте браќа за кое раскажува книгата Макавејска потврдува: „Блазе му на оној што умира од човечка рака, тој треба да се надева на Бога – дека Он ќе го воскресне“ (2 Мак 7, 14). Дали може да биде убаво и блажено да се умре? Светите Лекари, заедно со седумте браќа, се чини дека токму тоа го потврдуваат: смртта е убава, во мера во која доведува до исполнување на еден живот живеан во бесплатноста на сопствениот дар од Бога.
Еве ја, всушност, првата карактеристика на Божјата Љубов која зрачи преку животот на светите Кузман и Дамјан: бесплатноста. Псалмот 63 уште додава: „Праевдникот ќе се развесели во Господа и ќе се надева на Него“. Праведен е оној кој ги извршува делата Божји. И во извршувањето тој ја искусува онаа полна радост која Исус им ја обезбедува на учениците (или на оној кој љуби како Отецот, ги почитува Неговите заповеди и ја врши Неговата волја).
Од тука произлегува и втората карактеристика на Божјата Љубов: таа е извор на радост и на простување. Исто така и тоа го сведочеле светите Кузман и Дамјан , кога не се потчинувале на секој вид искушение.
На крај Евангелието продлабочува други аспекти: Божјата Љубов е насочување кон другиот, таа е вечна и автентична. Ја доживуваме преку три различни изрази.
Првиот израз: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе“ (Лк 9, 23). Исус ни го покажува патот по кој треба да поминеме и станува збор за пат по кој тој лично го поминал: неопходно е да не се мисли на своето самопотврдување. И нема исклучоци, во таа смисла, ниту на интелигентно ниво, ниту на ниво на политичка, културна, економска и духовна моќ. Ова „одрекување од самиот себе“ важи за сите и засекогаш. Вториот израз: „Ако некој сака да врви по Мене, … нека го земе крстот свој секој ден и нека Ме следи“ (Лк 9, 23).
Исус нѐ повикува, секој ден, да ги ставаме нашите чекори врз Неговите стапки. Истакнувањето на зборот „секој ден“ кај Евангелистот Лука, сака да ни укаже дека не станува збор за “понекогаш“, но се однесува на секојдневието: се однесува за време кое се чини дека никогаш нема да заврши и кое е целосно неопходно за да се одговори на оваа „нека Ме следи“. Третиот израз: „Каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло“ (Лк 9, 25).
Еден стих погоре Исус беше рекол дека е потребно да се одрекува од самиот себе, но овде сугерира дека може да биде едно „само себе“, многу подлабоко, за кое треба да бидеме внимателни да не го погубиме.
Треба да се одречеме од самопотврдувањето, но не може да се одречеме од нашиот поинтимен идентитет, оној кој е даден да се биде заедно со Него. Овој идентитет во никој случај од никој не може да биде ставен во дискусија, дури ниту во замена за целиот свет. Во светло на Словото кое ни е откриено, може да ја спознаеме автентичната вредност од примерот кој светите Лекари ни го даваат преку нивниот живот. Со истата бесплатност со која тие го третирале секој еден болен човек, исто така и ние денес треба да се грижиме за телото Христово кое е Црквата: за општеството, за семејствата, за секоја личност, во било кој вид на потреба тие да се наоѓаат. Како нив не треба да се плашиме од спротивности (стрели), од клевети (каменување), од секој вид на искушенија (оган). Но треба да правиме како нив, практикувајќи ја праведноста, односно извршувајќи ги делата кои се во „Божја мера“.
Затоа еден неопходен услов за да се живее сето ова во радост е поголемата грижа за душата отколку за телото; преку искуството на простување.
(…) Без сомнение, единствениот лек кој денес светите Лекари би ни го препишале за спасение и за живот вечен е Љубовта, онаа љубов која често пати е – може да се каже – „дехристијанизирана“ како и самата вера, онаа љубов која заедно со верата ризикуваат да останат една димензија чисто лична, губејќи го заедничкиот и обединет дух. Заедно да се упатиме кон автентичната Љубов, Исус Христос!
Монс. Камило Чиботи/З.А.