Се претпоставува дека равноапостолните просветители на словенските народи светите Кирил и Методиј, кога се упатиле кон Моравија, со себе го зеле од својата татковина младиот Климент.Од ова се заклучува дека тој се родил во Солун или некаде во неговата околина.
Заедно со светите браќа заминал во Панонија и Моравија, каде учестувал во Моравската мисија. Во Моравија се соочувале со проблеми, поради што побарале помош од Римскиот Папа. Во Рим биле свечено пречекани од папата Адријан II, кој не само што ги подржал во нивната мисија и ги одобрил богослужбените книги на словенски јазик, туку и го хиритонисал Методиј за епископ, а свети Климент бил ракоположен од папата Адријан II за свештеник.
По смртта на свети Методиј († 885 година), од страна на германското свештенство се протерани апостолите на словенските народи од Моравија. Тогаш свети Климент со некои свои соработници се враќа во својата родна земја и се сместува во областа Кутмичевица во близина на Охрид. Таму тој ревно служел како свештеник и учител меѓу својот народ.
Тој бил свесен дека со својот говор може да допре само до своите слушатели, но не и до целиот народ и генерациите што доаѓаат, поради што основал мисонерско училиште (универзитет) во Охрид, каде што поминале околу 3500 ученици, кои откако ќе биле подучени во евангелските вистини, биле упатувани на мисии за да го шират Евангелието Божјо. Во 893 година Климент е хиротонисан за епископ словенски. Се упокоил 916 година во Охрид, а неговите мошти и денес се наоѓаат во Охрид во црквата Свети Пантелејмон на Плаошник.
Овој ревен светител е заштитник на македонскиот народ.
к.мк/го*ко
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк