Свети Иван Богослов

Свети Иван Богослов

Црквата денес го празнува споменденот на светиот апостол и евангелист Иван, синот на Зеведеј и брат на Јаков. Неговото име, типично еврејско, значи „Господ направи благодат“. Тој ги собирал мрежите на брегот од Тиверијатското езеро, кога Исус го повикал заедно со неговиот брат (сп. Мт 4,21; Мк 1,19).

Иван секогаш бил дел од најтесниот круг на апостолите, него Исус со себе го водел во некои одредени прилики. Тој бил заедно со Петар и Јаков кога Исус, во Кафернаум, влегол во Петровата куќа за да ја оздрави неговата баба (сп Мк 1,29); заедно со овие двајца бил во придружба на Учителот во куќата на началникот на синагогата Јаир, чија ќерка ја воскреснал (сп. Мк 5,37), го следи кога се искачуваат на гората каде Исус се преобразува (сп. Мк 9,2); до него бил на Маслиновата Гора кога во Гетсеманската Градина, кога пред екселенцијата во Ерусалимскиот Храм го одржал говорот за свршетокот на градот и на светот (сп. Мк 13,3); и исто така близу до Него бил кога во Гетсеманската Градина Исус се повлекол настрана за да го моли Отецот пред неговото Страдание (сп. Мк 14,33). Непосредно пред Паската, кога Исус избирал двајца ученици за да ги испрати да го подготват местото за Последната Вечера, оваа задача ја доверил на него и на Петар (сп. Лк 22,8).

Оваа негова позиција го прави поразличен во групата на Дванаесетте и на некој начин доаѓа од иницијативата на Ивановата мајка, која еден ден му се приближила на Исуса за да побара од Него двајцата браќа, токму Иван и Јаков, да можат да седнат едниот од десната, а другиот од левата страна во Неговото Царство (сп. Мт 20, 20-21). Како што знаеме Исус одговорил прашувајќи ги дали тие можат да ја испијат чашата која Тој самиот ќе ја пие (сп. Мт 20, 22). Намерата на овие зборови била да им ги отвори очите на овие двајца ученици, да ги воведе во познавањето на тајната за неговата личност и да ги опомени за нивното идно звање да бидат сведоци сѐ до највозвишеното сведоштво со крв. Веднаш, по кратко време, Исус прецизира дека не е дојден за да биде му се служи, туку да служи и да го даде сопствениот живот за откупување на мнозина (сп. Мт 20, 28). Во деновите по Воскресението „Зеведеевите синови“ ги гледаме ангажирани со Петар и некои други ученици во една неплодна ноќ, по која на заповед на Воскреснатиот следел чудесно голем улов на риби: „Ученикот кого Исус го сакаше“ прв го препознал и му рекол на Петар дека е „Господ“ (сп. Ив 21, 1-13).

Во заедницата од Ерусалимската Црква, Иван заземал значајно место меѓу првите христијани. Свети Павле всушност го наведува помеѓу оние кои ги нарекува „столбови“ на оваа заедница (сп. Гал 2, 9). Свети Лука во Делата на светите Апостоли опишува како заедно со Петар одат да се молат во храмот (Дела 3,1-4.11); се појавуваат пред Синедрионот да ја сведочат сопствената вера во Исус Христос (сп. Дела 4,13.19). Заедно со Петар е испратен од Ерусалимската Црква да ги потврди оние кои во Самарија го прифатиле Евангелието, молејќи врз нив да го примат Светиот Дух (сп. Дела 8,14-15). Особено, заедно со Петар пред Синедрионот каде им забранувале да зборуваат за Исус, потврдуваат: „Ние не можеме да не зборуваме за она што сме виделе и чуле“ (Дела 4,20). Токму оваа искресност во исповедувањето на сопствената вера останува пример и предупредување за сите нас да бидеме подготвени одлучно да ја изјасниме нашата непоколеблива цврста приврзаност кон Христос, ставајќи ја верата на прво место пред секоја пресметка или човечки интерес.

Според традицијата, Иван е „возљубениот ученик“ кој во четвртото Евангелие ја става својата глава врз градите на Учителот за време на Последната Вечера (сп. Ив 13,21), се наоѓа под Крстот заедно со Исусовата Мајка (сп. Ив 19,25) и на крај тој е сведок како за празниот гроб така и за самото присуство на Воскреснатиот (сп. Ив 20,2; 21,7). Знаеме дека оваа идентификација денес е многу дискутирана од научниците, од кои некои во него едноставно гледаат прототип за Исусовот ученик: Господ сака од секој од нас да направи еден ученик кој го живее личното пријателство со Него. За да се постигне тоа, не е доволно само надворешно да се следи и да се слуша, туку потребно е исто така да се живее со Него и како Него. Тоа е можно само во контекс на еден однос на голема семејност, исполнета со топлината на една целосна доверба. Тоа е она што се случува помеѓу пријателите; затоа Исус еден вели: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели… Не ве нарекувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец“ (Ив 15,13.15).

Во апокрифот „Делата на Апостолот Иван“ е претставен не како основател на Црквите, ниту пак како раководител на веќе воспоставените заедници, туку како оној кој ја пренесува верата на „душите способни да се надеваат и да бидат спасени“ (18,10; 23,8). Поттикнат е од парадоксалната намера да го направи видливо невидливото. Затоа од Источната Црква тој едноставно е наречен „Богослов“, т.е. оној кој е способен преку разбирливи термини да зборува за божествените работи, откривајќи таинствен пристап до Бога преку блискоста со Исус.

Култот за апостолот Иван е основан во градот Ефес, каде што, според една древна традиција, долго време таму делувал, каде што и починал во длабока старост, за време на императорот Трајан. Во Ефес императорот Јустинијан, во 6. век во негова чест изградил голема базилика, од која сѐ уште постојат импозантни остатоци. Токму на Истокот тој уживал и сѐ уште ужива голема почит. Во византиската иконографија честопати е прикажан како старец поради тоа што тој починал во длабока старост.

Всушност, без соодветна концентрација не е можно да се доближиме на возвишеното Божјо таинство и на неговото откровение. Ова објаснува зошто, години наназад, Екуменскиот Патријарх од Цариград, Атенагора, кој се прегрна со папата Павле VI на една незаборавна средба, потврдил: „Иван е извор на нашата највозвишена духовност. Како него, ‘тивките’ ја познаваат оваа таинствена размена на срцата, го повикуваат Ивановото присуство и нивните срца се распламнуваат“. Господ да ни помогне да се ставиме во Ивановата школа за да ја научиме големата лекција за љубовта така што ќе се чувствуваме сакани од Исус „сѐ до крајот“ (Ив 13, 1) и ќе го потрошиме својот живот за Него.

(Бенедикт XVI, Генерална аудиенција, 5 јули 2006 година)

к.мк/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот