Според традицијата, бил првиот владика на Париз, испратен во Галија од папата Фабијан во 250 година. Бил мачен заедно со Рустик и Елефтериј. Неговите мошти се зачувани во базиликата која била подигната од Света Џеновефа во 495 година. Покрај оваа базилика во VII век била изградена познатата Опатија која била именувана според оваа светица.
Свети Дионисиј е спомнат во многу важни документи кои датираат од V-VI век; како на пример ‘Животописот на света Џеновефа, каде што се вели дека светицата околу 475 година во Париз изградила црква посветена на свети. Дионисиј; историчарот – поет Венанциј Фортунат, кој починал околу 600 година исто така и тој во своите записи ја спомнува црквата на свети. Дионисиј и една друга во Бордо; свети Григориј од Турс (+ 594) во неговата ‘Historia Francorum (Историја за Франките)’ раскажува за Дионисиј и неговото мачеништво. Чудно е што во овие антички автори недостасуваат податоци за придружниците во мачеништвото и во апостолатот на владиката Дионисиј, т.е. свештеникот Рустик и ѓаконот Елефтериј; нивните имиња за прв пат се појавуваат во VI-VII век во ‘Јеронимската Мартирологија’.
Првиот животопис на латински јазик датира од VII век, во кој доаѓањето во Галија на Дионисиј и неговите придружници го става во периодот од првиот век, но вториот и третиот животопис од IX век создале легенда од неговата личност. Бил идентификуван како Дионисиј Аеропагит, преобратен од страна на свети Павле, и оваа верзија била прифатена на подолг период, пренесувана во многу документи; но потоа други авторитетни текстови и подоцнежни студии дефинитивно ги разделиле двете личности, кои се славаат посебно: на 3 октомври (16 октомври според јулијанскиот календар) за Дионисиј Аеропагит и на 9 октомври (22 октомври според јулијанскиот календар) за Дионисиј од Париз.
Најверодостојната верзија го претставува како испратен од Рим, во III век, заедно со други двајца придружници, да ја евангелизира Галија постанувајќи прв владика на Париз кој тогаш се викал Лутециј, организатор на првата христијанска заедница на реката Сена, и маченик во 270 година.
Останува мистерија за молкот од три века за личностите на Елефтериј и Рустик. Некои научници тврдат дека било обичај во номинирањето на една црква, да се спомне само името на ‘главниот’ светител; други научници се основаат на теоријата дека Дионисиј го носи името на богот Дионис кој помеѓу другите епитети го имал и името Елефтериј, што значи Слободен, и пред сѐ тој бил бог кој ја симболизирал природата, секогаш обиколувајќи ги шумите и полињата, всушност едно рурално-рустично име, од каде доаѓа и името Рустик.
Од сето ова може да се претпостави дека не станува збор за придружници, туку за епитети, и само така може да се објасни тривековниот молк.
Дионисиј поради легендите кои го заменија со другиот Дионисиј Аеропагит, со себе си понесе традиции и култ од овој период.
Така тој е претставен во многу цркви со статуи, витражи, икони, во поголема мера сам, во епископски одежди, честопати со отсечена глава во неговите раце; после VIII век е претставен исто така заедно со Елефтериј и Рустик.
Иконографијата е пребогата, сведоштво за ширењето на култот во Париз и во цела Франција како потоа и во нејзините колонии. Иконографијата ги претставува процесот пред владетелот Сисиниј, тортурата со пламенот, светата Причест која ја добил од Исус Христос додека бил во затворот, пред сѐ мачеништвото преку обезглавувањето или кршењето на неговиот череп, кое се случило во Монмартр од каде Дионисиј од таму тргнал до местото на погребот, со главата која што самиот си ја носел во рацете.
о. Гуљељмо Алимонти/Росана П.