Светиот Престол го свртува вниманието на владите за сериозноста на ситуацијата и загриженоста на папата Фрањо за мирот
Светиот Престол со голема загриженост го следи развојот на настаните на Блискиот Исток и положбата на христијаните. За да сврти вниманието на владитеза сериозноста на ситуацијата и загриженоста на папата Фрањо за мирот, Државниот секретаријат на Ватикан испрати „Вербална нота“ до сите амбасади акредитирани во Светиот Престол со последните апели на Папата за време на молитвата Ангел Господов. За оваа нова иницијатива на Светиот Престолза Радио Ватикан зборува секретарот за Односи со земјите монс. Доминик Мамберти:
*********
Државниот секретаријат на Ватикан со голема загриженост ја следи положбата на христијаните кои страдаат неправедно, се исплашени, а многу од нив се принудени да се иселат. Само во Мосул 30 цркви и манастири се окупирани од екстремистите, на нив се нанесени сериозни оштетувања, а крстот од нив е отстранет. За прв пат по долги години, не може да се служи неделна литургија. Треба да се потсети дека во Ирак, како и во другите земји во Блискиот Исток, христијаните се присутни од почетокот на историјата на Црквата и имаат важна улога во развојот на општествата. Нивната желба е само да продолжат да бидат присутни во овие земји, како поборници за мир и помирување.
Што прави Светиот Престол за да се олесни нивната ситуација?
Светиот Престол е активен на различни нивоа. Прво Светиот Отец, кој при различни ситуациина впечатлив начин ја изрази својата близина со христијанските заедници, особено во Мосул, ги поканува сите да се молат за нив. Лично изрази сочувство кон нив при неговите лични средби во Ватикан со Калдејскиотпатријарх и Сиро-католичкиот патријарх на Антиохија, охрабрувајќи ги христијаните да не губат надеж. Исто такапреку Папскиот совет Кор Унум испрати донации за помош на христијанските семејства. Од друга страна, Државниот секретаријат на Ватиканпреку своите дипломатски канали настојува да го држи будно вниманието на меѓународните институции и влади за ситуацијата на христијаните на Блискиот Исток. Последната иницијатива е вербалната нота до сите амбасади акредитирани во Светата Столица со текстот од последните апели на Папата за ситуацијата на Блискиот Исток, со која се инсистира да биде претставена на соодветните влади. Се надеваме дека меѓународната заедница ќе го земе при срце ова прашање, бидејќи станува збор за основни принципи за човековото достоинство и за мирниот соживот меѓу луѓето и народите. Ирак и други земји во Блискиот Исток посебно се повикани да бидат модел за соживот меѓу различни заедници. Во спротивно би било голема загуба и лош предзнак за целиот свет.
Што мислите за зголемувањето на насилството во Појасот Газа?
Ситуацијата таму е драматична и многу тажна и за жал се крие ризикот да се навикнеме на неа како нешто неизбежно, што нема да биде праведно. Папата упати бројни апели и продолжува да се моли, повикувајќи за дар на мирот и прифаќање на Божјиот повик да се прекине ескалацијата на омразата и насилството кои оддалечуваат од мирот. Го повторувам неговиот повик кон одговорните политичари на локално и меѓународно ниво да не ги штедат напори за запирање на непријателствата и да работат за мирот и доброто на сите. Како што вели папата Фрањо, за мирот се бара повеќе храброст, отколку за војната. За да се постигне мир, исто така во центарот не треба да се стават личните интереси, туку општото добро и почитувањето на личноста”.
РВ/го*ко