Светиот Отец со Католичката каризматска обнова на Олимпискиот стадион во Рим

Потребно е ново мисионерство зајакнато во единството – поттикна Светиот Отец на 1 јуни на Олимпискиот стадион во Рим, среќавајќи се со големо мноштво од светот на Католичката каризматска обнова, која ја нарече „ струјата на милост во Црквата и за Црквата“. Средбата е одржана по повод 37 национален собир на Обнова во Светиот Дух. Пред повеќе од 52 000 луѓе од 55 земји, Папата говореше и за семејството кое се напаѓа, како и за важната улога на постарите лица; а свештениците ги поттикна да бидат близу до Исус и до луѓето.

Светиот Отец силно повика на единство во Обновата, на непретерување во организирањето на работите – дозволете Бог да делува, рече, и да не бидат надзорници на Милоста, односно царина за Светиот Дух. Тоа е вашиот пат – рече Папата – евангелизација, духовен екуменизам, грижа за сиромашните и оние во потреба и прифаќање на сите кои се на работ на општеството. А сето тоа се темели на поклонувањето! Темел на обновата е поклонување на Бог! – истакна Светиот Отец.

Барајте го единството во Обновата, бидејќи таа доаѓа од Светиот Дух и се раѓа од единството на Тројството – забележа Папата и запраша – Од кого доаѓаат поделбите? Од демонот! Бегајте од внатрешни судири, нека не бидат меѓу вас! – поттикна Папата. Излезете на улиците како би евангелизирале, навестувајќи го Евангелието; сетете се дека Црквата е родена „на излегување“, на она Духовденско утро – истакна Светиот Отец и ги поттикна сите присутни да се приближат до сиромашните и да го допрат нивното тело, кое е ранетото тело на Исус. Дозволете да ве води Светиот Дух, и тоа со онаа своја слобода; немојте, ве молам, да го затворате Светиот Дух!

Папата потоа, автоиронично, забележа како каризматиците некогаш во Аргентина, пред да постане нивен духовен асистент, ги нарекувал „училиште за самба“. Меѓутоа, после ги запознава подобро; затоа истакна дека Каризматската обнова е голема сила во служба на навестувањето на Евангелието, во радоста на Светиот Дух. Го примивте Светиот Дух Кој ви дал да ја откриете Божјата љубов кон своите деца, како и љубовта кон Словото – рече папата Фрањо и повеќе пати ги запраша присутните дали носат уште со себе, примерок од Библијата, Новиот Завет. Ако не, вратете се кон таа прва љубов; носете го секогаш во џеб, во торбата, Словото Божјо.

Пред говорот Папата разговараше со претставници на свештениците, младите, семејствата и болните, па ги запраша зошто нема претставници на баби и дедовци, кои – како што рече – се гаранција на нашата вера, а кои ги води Светиот Дух. Постарите лица, тие се наша мудрост, тие се мудрост на Црквата; постарите лица кои често го отфрламе – истакна Папата.

Разговарајќи со една сопруга и мајка, Светиот Отец ја истакна важноста на семејството, во кое Исус расте, расте во љубовта на сопружниците, расте во животот на децата. Семејствата се мали домашни Цркви – рече Папата и се помоли за Господов благослов на семејството, молејќи да го направи силно во оваа криза во која ѓаволот сака да го уништи.

Свештениците ги повика на близина со Исус и со луѓето, со Божјиот народ, а разговарајќи со едно младо момче, го истакна патот на младоста која верува во големи работи, наспроти животот кој се чува „во железна благајна“. На тој начин таа младост постанува стара, во најлоша смисла на зборот – забележа Папата и додаде – Не служи повеќе за ништо. Младоста, напротив, треба да ризикува и тоа добро, во надеж. Треба да се изложи за големи работи. Младоста треба да се даде, како другите би го запознале Господ. Не чувајте ја својата младост за себе! – истакна папата Фрањо.

После сведоштвото на една слепа девојка, Папата истакна дека страданието е сведоштво и близина на Исус. Браќата и сестрите кои трпат, кои се болни, инвалиди, се помазани со трпението на Исус Христос, го наследуваат Исус во тешките моменти на неговиот крст, неговиот живот. Тоа помазание со трпение, тие го носат за целата Црква – напомена папата Фрањо.

Многу трогателен беше моментот на молитва, кога Папата говореше за „свето пијанство“, кое дава да се говорат јазици на љубовта, наспроти самољубието на моќта. А потоа следуваше повик на единство и голем аплауз после повикот на Папата на средба во 2017 година. Барајте го единството во Обновата, единство кое доаѓа од Тројството! И ве чекам сите вас, каризматици од целиот свет, за да го прославиме заедно вашиот голем јубилеј, на Духови 2017 година, на Плоштадот Свети Петар! – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот