Во наговорот пред молитвата Ангел Господов во недела 1 август 2021 година папата Фрањо предупреди на односот во кој го бараме Господ заради исполнување на сопствените потреби.
Говорејќи за мноштвото кое во Евангелието за денешната Литургија влегува во кораби барајќи го Исуса, Папата истакна дека тоа наизглед ни изгледа како добра работа. Меѓутоа, Евангелието нѐ учи дека тоа не е доволно за да го бараме Бог – мора да се запрашаме зошто го бараме. Навистина Исус им зборува: Вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте. Луѓето сведочеле за чудото на умножувањето на лебовите, но не го сфатиле значењето на тој чин – површно се задржале на чудото и на лебот, рече Папата.
Па, првото прашање кое мора да си го поставиме, нагласи Светиот Отец е зошто Го бараме Господ? Што нѐ придвижува во верата? Мора ова да го размислиме затоа што меѓу многу искушенија постои и она во кое трагаме за Господ заради сопствените потреби. Но, на тој начин нашата вера останува на површината, предупреди папата Фрањо.
Во центарот на таквата незрела вера не е Господ, туку нашите сопствени потреби. Во ред е да ги довериме нашите потреби на Божјото срце, меѓутоа Господ кој ги надминува нашите очекувања најпрво сака да живее со нас во љубовта. А вистинската љубов нема лични интереси, таа е слободна – човекот не љуби за да прими нешто за возврат.
Второто прашање кое мноштвото му го поставува на Исус, а кое може да ни помогне и на нас, истакна Светиот Отец е прашањето: „Што да правиме, за да извршуваме дела Божји?“ Изгледа како луѓето, поттикнати од Исус, прашање – како можеме да го прочистиме тоа наше трагање за Бог? Исус го покажува патот – одговара дека е дело Божјо да веруваат во Оној, Кого Го испрати Он, односно него, Исус. Тоа се однесува на прифаќање на Исуса во нашите животи, да живееш една приказна полна со љубов со него. Он е Тој кој ја прочистува нашата вера. Не можеме ова да го правиме сами, рече папата Фрањо. Односот со Господ истакна ја надминува логиката на интереси и пресметки.
Ова се однесува на нашиот однос со Бог, но и на меѓучовечките односи. Кога најпрво бараме исполнување на сопствените потреби, ризикуваме искористување на луѓе и ситуации заради сопствени цели. Општество кое ги става интересите над луѓето е општество кое не раѓа живот, предупреди Папата. Затоа, Евангелието нѐ повикува да не бидеме фокусирани само на материјалниот леб кој нѐ храни, туку да го прифатиме Исуса како леб на животот, и тоа започнувајќи со нашето пријателство со него, учејќи како да се љубиме еден со друг. Слободно и без пресметки, заклучи папата Фрањо.
По молитвата Светиот Отец ги поздрави верниците од Рим и ходочасниците од целиот свет, а посебно разните групи млади. Им честиташе на Перуанците за новоизбраниот претседател порачувајќи Господ секогаш да ја чува нивната земја. Посакувајќи им на сите мирен месец август, Папата ги замоли верниците да не заборават да се молат за него.
Ватикан њуз/к.мк