Светиот Отец: Не на сиромаштво како идеологија
Ватикан, 14.5.2013 /к.мк/ – Ако сакаме да го наследуваме Исус мора да „го живееме животот како дар”, за да го даруваме на другите, а не да го чуваме како богатство само за себе. Ова го рече Папата во проповедта на светата Литургија, во вторник 14 мај, која ја служеше во капелата на домот Света Марта во присуство на група службеници од Ватиканските музеи и семинаристите од Папскиот португалски колеџ. Заедно со Папата на олтарот сослужуваше архиепископот на Меделин од Колумбија, монс. Рикардо Тобон Рестрепо.
Во својата проповед Папата стави акцент на спротивставеноста помеѓу љубовта и егоизмот, цитирајќи ги зборовите на Исус: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Иван 15, 13) и спротивното однесување на Јуда. Тоа е така, бидејќи Јуда „никогаш не разбра што значи еден дар”, појасни папата Фрањо и го посочи однесувањето на Марија Магдалена, кога ги изми нозете на Исус, нарекувајќи го „чин на религиозност, благодарност и љубов”.
„Но Јуда се дистанцира и критикува: „Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси (Иван 12,5). Тоа е првиот знак за сиромаштво како идеологија која ја открив во Евангелието – рече Папата. Идеологијата не знае што е љубов, затоа што не е способна за себедарување”. За Папата Јуда е „отуѓен во својата осаменост” и тоа себично однесување се развива „до предавство на Исус”.
Но „оној кој љуби – потсети Папата – го дарува својот живот”, а егоистот се грижи за сопствениот живот, во него себичноста расте и станува предавник, но секогаш останува сам”. И обратно: „Оној кој го дава живот од љубов никогаш не е сам: тој е во заедништво, во едно семејство”. Освен тоа, додаде Светиот Отец оној „што ја изолира својата совест во егоизам на крајот ја губи”. Таков е и крајот на Јуда: „идолопоклоник, наврзан на парите” – заклучи Папата.
Ова идолопоклонство води да се изолира од заедницата – истакна папата Фрањо. Тоа е драмата на изолираната совест: кога еден христијанин се изолира, со тоа ја изолира својата совест од смислата за заедништво, од смислата на Црквата и за секоја љубов која ни ја дава Исус. Но кога еден христијанин го дарува својот живот, „губејќи го“ како што вели Исус, повторно го наоѓа во полнина. Она што Јуда сака да го задржи за себе, на крајот го губи. Апостол Иван ни кажува дека „од овој момент сатаната влезе во срцето на Јуда. И мора да кажеме дека: Сатаната е лош плаќач. Секогаш нè лаже!”
Сепак Исус секогаш љуби и секогаш се дарува, рече папата Фрањо. Ова нè гони и ние да љубиме и таа љубов да донесе плодови. На крајот Светиот Отец повика да се молиме: Светиот Дух да ни дарува широко срце кое ќе може да љуби со понизност и да не ослободи од егоизмот. (го*ко)